малини 1

Малини – овошје полно со витамини и антиоксиданси

Вкусните црвени малини се многу популарно овошје со прекрасна арома. Тие се богати со хранливи материи како што се многу потребните антиоксиданси, минерали и витамини кои се неопходни за добро здравје на организмот во целост.

Нутритивни и здравствени придобивки на малини

Малите ароматични малини имаат малку калории и масти. Тие се многу богат извор на растителни влакна и антиоксиданси. Во 100 грама малини има само 52 калории и 6.5 грама растителни влакна, со што се задоволуваат 16% од дневните потреби на организмот.

Малините имаат високо ниво на фенолни флавоноди како антоцијани, танини, катехини, салицилна киселина и други, кои претставуваат моќни антиоксиданси. Научните истражувања покажуваат дека антиоксидантните соединенија кои ги содржат малините имаат потенцијална улога во превенцијата од канцер, стареење, воспаленија и невро-дегенеративни болести.

Свежите малини се одличен извор на витамин Ц, кој е исто така моќен природен антиоксиданс. Доколку изедете 100 грама малини ќе задоволите 47% од дневните потреби на организмот за овој витамин. Консумацијата на храна која е богата со витамин Ц му помага на човековото тело да се заштити од предизвикувачи на инфекции и воспаленија, како и во неутрализацијата на штетните слободни радикали.

малини

Малините се богат извор на витамините од групата Б и витаминот К. Тие особено содржат витамин Б6, ниацин, рибофлавин и фолна киселина. Овие витамини му помагаат на телото во метаболизмот на јаглените хидрати, протеини и масти.

Малините содржат добра количина на минерали како калиум, манган, бакар, железо и магнезиум. Калиумот е важна состојка од клетките и телесните течности, а помага за контрола на срцевиот ритам и одржувањето на нормален крвен притисок. Бакарот е неопходен за производство на црвени крвни клетки.

Од малините се екстрахира ксилитол, природен засладувач кој претставува замена за шеќер и има мал број калории. Една мала лажичка со ксилитол има само 9.6 калории во споредба со 15 калории кои ги има шеќерот. Карактеристика на ксилитолот е тоа што многу побавно се апсорбира и не предизвикува висок гликемски индекс, со што може да му помогне на лицата кои страдаат од дијабетес во регулирањето на нивото на шеќер.

Сподели: