мармалад од портокали и лимони

Мармалад од портокали и лимони

Иако зимата ни пристигна, тоа не значи дека не можеме да си подготвиме по некој вкусен мармалад или џем. Пазарите и маркетите сега изобилуваат со цитрусни овошја, па така се роди идејата за овој рецепт. Одвојте малку време и пробајте го вкусниот мармалад од портокали и лимони.

Овој мармалад ќе ги развесели утринските појадоци со неговиот совршен вкус. Може да го комбинирате со путер на парче леб или со палачинки. Совршено се вклопува со многу десерти, а на вас останува да го припремите и да уживате во неговиот интересен, цитрусен вкус.

мармалад од портокали и лимони

Состојки:

  • 700 грама портокали
  • сок од 2 лимони
  • 1 кг кафеав шеќер или по вкус.

Подготовка:

  1. Портокалите и лимоните добро измијте ги. Бидејќи за подготовка на овој рецепт може да ја користите кората ви предлагаме пред подготовката да ги оставите најмалку 20-тина минути во вода со сода бикарбона.
  2. Исцедете го сокот од лимоните и портокалите. Кората исечете ја на помали парчиња. Остатоците од цедењето ставете ги во стерилна газа. Газата заврзете ја со конец, а потоа ставете ја во сад во кој сте ставиле 60 мл вода. Во садот ставете ја и сечканата кора. Оставете ја кората и газата да стојат во водата за време од неколку часа, а најдобро е преку ноќ.
  3. Во експрес лонец турете го цедениот сок од овошјето, водата и кората од портокалите. Газата со пулпата добро исцедете ја во лонецот.
  4. Ставете го поклопецот и варете ја течноста за време од 10-15 минути, во зависност од дебелината на кората.
  5. Лонецот оставете го да се излади на собна температура. Потоа, додајте го шеќерот. Промешајте со лажица додека се стопи шеќерот.
  6. Покачете ја температурата на шпоретот, со цел мармаладот брзо да зоврие, притоа лонецот нека ви биде отворен и со помош на лажица отстранувајте ја пената.
  7. Варете го мармаладот додека ја достигне посакуваната густина.
  8. Варениот мармалад од портокали и лимони оставете го кратко да се подизлади на собна температура, па ставете го во чисти и стерилни тегли. Теглите со мармалад добро затворете ги и оставете ги да се изладат во целост.

Ви предлагаме да прочитате: Џем од лимони.

Сподели: