медицинска салата 1

Медицинска салата

Времето на зимници е полн ек. Голем дел од нас го користат изобилството од зеленчук и овошје на пазарите и припремаат различни слатки или солени специјалитети кои траат до следното лето.

Една од популарните салати која се припрема за зимница е медицинска салата. И благодариме на Клара за испратениот рецепт за медицинска салата кој можеме да го споделиме со сите вас.  При припремата на оваа салата, Клара ни ги дава следните совети:

  • Морковите можат да се стават свежи, не подварени. Доколку сакате таква салата, испробано е вкусна.
  • Везаните пиперки можете да ги замените со црвена пиперка која исто така одлично се вклопува во салатата.
  • Салата може да се собере во тегли за многу кратко време, скоро никогаш не ја чекам да одстои како што бара рецептот и воопшто нема никаков проблем.
  • Оваа салата слободно може да се направи и во текот на зимата кога и да ви текне на неа, со варијација на тема – пиперки, но исто така сум ја правела и без нив, ни се допаѓа и така.
медицинска салата

Состојки:

  • 1 кг везани пиперки
  • 2 кг моркови
  • 2 китки магдонос
  • 2 главици лук
  • 250 мл масло
  • 300 мл винска киселина
  • 2 лажици сол
  • 2 лажици шеќер
  • 1 таблета аспирин.

Подготовка:

  1. Морковите малку подварете ги, а пиперките потпечете ги. Потоа исецкајте ги на парчиња со големина од 1-2 см и ставете ги во шерпа или вангла.
  2. Лукот и магдоносот ситно исечкајте ги и додајте ги во садот со пиперките и морковите. Убаво измешајте ја смесата.
  3. Во друг сад растворете ги маслото, киселината, солта, шеќерот и аспиринот, кој предходно сте го издробиле.
  4. Во садот со пиперки и моркови, додајте го растворот со маслото, убаво измешајте и после 24 часа, салатата соберете ја во чисти, суви тегли. Теглите со приготвената медицинска салата чувајте ги на ладно и темно место.

Рецептот го испратил: Клара Бос

Сподели: