мед

Мед – единствена нерасиплива храна, добивање и придобивки

Познат е како единствена нерасиплива храна, која само може да го смени својот облик и од течна да премине во кристална форма, но не и да се расипи. Тоа е одлика само за вкусниот и многу здрав мед, кој бил употребуван како природен засладувач уште во праисторијата, долго пред шеќерот да стане широко достапен во XVI век.

Нашите предци биле свесни за здравствените придобивки од мед и истиот бил консумиран и користен во медицината. Античките Египќани верувале дека редовното внесување на мед допринесува за подолг живот и поголема виталност.

Тој е сладок еликсир составен од фруктоза и глукоза, а истовремено богат извор на минерали: железо, калциум, фосфати, калиум и магнезиум, а исто така е и одлична замена за шеќер. Имаат речиси иста калориска вредност, но медот има поголем број на хранливи материи, овозможува подобра регулација на нивото на шеќер во крвта и придонесува за полесно одржување на добрата форма.

мед

Добивање на мед

Околу 60 000 пчели колективно минуваат околу 100 000 километри собирајќи нектар доволен за да се добие половина килограм мед.

Откако нектарот е собран, пчелата го пакува во својот  „екстра” стомак каде се меша со ензими и преку процесот на регургитација се пренесува до устата на друга пчела. Овој процес се повторува се додека нектарот не стане делумно сварен и потоа се депонира во саќе. Преку процесот на евапорација испарува водата и се добива густа материја позната како мед. Саќето се запечатува со течен, абдоминален секрет од пчела  и се стврднува во пчелин восок. Во светот се познати над 300 типови на мед.

Здравствени придобивки од мед

  • Антибактериско дејство. Штити од инфекции, благодарение на pH вредноста од 3.2-4.5 која како благо кисела средина го спречува растот на бактериите додека останатите антоксидантни компоненти успешно ги отстрануваат слободните радикали.
  • Помага при проблеми со скалпот. Според поголем број на истражувања медот е одличен за проблеми со скалпот при себороичен дерматит и првут. Пациентите на проблематичните зони нанесуваат мед растворен со малку топла вода, а подобрувања се забележуваат веќе по првата недела.
  • Антиалергиско дејство. Локално произведениот мед содржи остатоци од цветен полен. Малите количини на алерген го стимулираат имуниот систем и создаваат природна заштита. Препорачливо е внесување по една лажица локално добиен мед пред сезоната на полен со цел спречување алергиска реакција.
  • Лекува рани. Медот ја истиснува течноста од раната. Високото ниво на шеќер го спречува рамножувањето на бактериите додека водородниот пероксид прави одличен контакт со раната.

Автор: Марија Трпеска.

Сподели: