мексиканско вегетаријанско чили со грав

Мексиканско вегeтаријанско чили со грав

Мексиканската кујна е препознатлива по различните вкусови, шареноликоста, декоративноста, големиот број на зачини и состојки, и секако чили пиперките кои и го даваат карактеристичниот лут вкус. Токму поради тоа, таа е совршена за љубителите на лути јадења. Па, ако ја обожавате оваа кујна, пробајте го рецептот за мексиканското вегетаријанско чили кое во целост го отсликува духот на мексиканската храна. 

Карактеристично е што ова јадење се приготвува со варен грав, зачини и доматен сос. Најчесто се служи со рендан кашкавал и печени тортиљи. Токму, неговиот вкус и мирис ќе ви доближат дел од мексиканската култура. Богатството на мексиканската кујна и нејзината традиционална важност беа признаени и од Унеско во 2010 година. Доколку се уште не сте ја пробале, време е да си приготвите едно интересно и лесно мексиканско јадење и да уживате во неговиот препознатлив вкус.

вегетаријанско чили со грав

Состојки:

  • 4 пченкарни тортиљи
  • 1,2 килограми варен мешан грав (црвен, бел и црн)
  • ¼ чаша маслиново масло
  • 1 поголема главица кромид, ситно исечкана
  • 1 црвена пиперка
  • 1 лута пиперка – по можност чили, по желба
  • 2 чешниња лук, ситно исечкани
  • 2 лажици лут пипер
  • 1 лажица ким
  • 3 чаши доматно пире
  • 1 кисела павлака, по желба за сервирање
  • 100 грама рендан кашкавал, чедар сирење или некој друг потврд кашкавал
  • кориандер, магдонос или ситно сечкан млад кромид по желба за сервирање
  • сол по вкус.

Подготовка:

  1. Најпрво сварете го гравот. За подготовката на ова јадење доволно е да користите 300 до 400 грама неварен грав. За да заштедите време, гравот може да го сварите претходниот ден или пак да користите варен грав од конзерва.
  2. Тортиљите наредете ги на плех кој претходно сте го премачкале со маслиново масло. Печете ги во загреана рерна на 200 степени за време од 6 минути, додека поруменат. За време на печењето, превртете ги за да се испечат подеднакво од двете страни. Откако ќе се изладат, пресечете ги на парчиња.
  3. Пиперката и кромидот исечкајте ги на поситни парчиња.
  4. Во тенџере на оган ставете малку маслиново масло да се загрее. Во загреаното масло додајте ги ситно сечканите кромид и пиперка. Пржете ги додека омекнат.
  5. Потоа додајте ги лукот, лутиот пипер и ким. Продолжете со пржењето уште 2 минути.
  6. Во тенџерето додајте го доматното пире и посолете по вкус.
  7. На крај, додајте го варениот грав и дополнете со 2 ½ чаши вода.
  8. Вака подготвеното чили варете го околу 15-20 минути се додека се згусти.
  9. Од оваа количина ќе добиете околу 4 порции мексиканско вегетаријанско чили со грав. Чиниите со приготвеното чили сервирајте ги со рендан кашкавал и ситно сечкан млад кромид. Послужете ги заедно со печените тортиљи и павлака по желба. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Чили кон карне – традиционално мексиканско јадење.

Сподели: