tako so domasni tortili 1

Мексиканско тако со домашни тортиљи

Мексиканската храна е позната по различните вкусови, шареноликост, декоративност и голем број на зачини и состојки кои се употребуваат во нејзиното приготвување. Едно од најпознатите и највкусните јадења е мексиканското тако, кое се приготвува од тортиљи со фил од месо, зеленчук и зачини.

Ако и вие сте љубител на мексиканската кујна, имаме одличен рецепт за тако со домашни, меки тортиљи, кои се прават прилично лесно и брзо, а можете да ги полните со што сакате. Наш предлог за фил е печено телешко месо, ситно сечкан зеленчук и чили сос.

мексиканско тако со домашни тортиљи

Состојки:

За тортиљи:

  • 4 чаши брашно
  • 1 мала лажичка сол
  • 2 мали лажички прашок за печиво
  • 2 лажици путер
  • 1 ½ чаша вода.

Фил:

  • печено телешко месо
  • ситно сечкана зелка
  • сечкан кромид
  • сечкано авокадо
  • мексикански зачин, кари, куркума, оригано, чили сос по желба.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете го брашното, солта и прашокот за печиво. Состојките измешајте ги и во садот додајте го путерот. Започнете да замесувате тесто и постепено додавајте ја водата.
  2. Врз набрашнета површина ставете го тестото и продолжете со месење за време од неколку минути. Еластичното и меко тесто поделете го на 24 делови (може да го поделите на 12 делови со што ќе добиете поголеми тортиљи).
  3. Од секој дел, формирајте топче. Со помош на сукало од топчињата исучете тенки кори.
  4. На оган, на средно висока температура ставете нелеплива тава да се загрее. Во загреаната тава ставете една тортиља да се пече. Штом забележите дека на тортиљата се појавиле меурчиња и добива златна боја, свртете ја од другата страна да се пече.
  5. Печената тортиља ставете ја во тава обложена со кујнска крпа или фолија, додека завршите со сите тортиљи.
  6. Врз секоја тортиља по желба ставете чили сос, печено телешко месо, сечкана зелка, кромид, авокадо и зачинете со мексикански зачин, кари или куркума. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Мексикански тако чипс на домашен начин.

Сподели: