Мини пици од модар патлиџан

Пицата е едно од најомилените јадења на милиони луѓе ширум светот и секој знае да ја приготвува на еден или друг начин. Овој пат, Невена ни предложи интересен начин за подготовка на мини пици, во кој наместо тесто, се користи модар патлиџан.

Овие мали вкусни парчиња пица одлично изгледаат и вреди да се пробаат. Се вклопуваат на сечија трпеза, а идеални се за роденденски забави. Одлични се за лица кои практикуваат исхрана без глутен. Бидете креативни, заменете некоја од состојките за фил и да направете своја верзија на мини пици со модар патлиџан.

мини пици од модар патлиџан

Состојки:

  • 1 среден (500гр) модар патлиџан
  • 130 гр кашкавал
  • 100 гр шунка
  • 12- 13 лажици доматно пире
  • оригано по потреба
  • маслиново масло и сол по потреба.

Подготовка:

  1. Рерната загрејте ја на 200 степени.
  2. На плех ставете хартија за печење.
  3. Кашкавалот и шунката исечете ги на мали коцки.
  4. Модриот патлиџан исечете го на кругови дебели околу 1 – 1,5 см и наредете ги во плехот. Малку посолете ги и попрскајте ги со маслиново масло. Ставете ги да се печат 20 минути, а потоа извадете ги од рерната.
  5. Врз патлиџаните ставете по една лажица доматно пире, наредете од кашкавалот и шунката и посипете ги со оригано.
  6. Мини пиците од модар патлиџан вратете ги во рерната да се допечат за време од 7-8 минути за да се растопи кашкавалот.
  7. Печените мини пици е најдобро да ги послужите топли.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска

Сподели: