pogacici so kaskaval 1

Мини погачици со кашкавал и сланина

Ова е лесен и брз рецепт за мини погачици со кашкавал и сланина. Идеален е за сите кои не сакаат да виткаат кифлички, тегнат мазници и слично. Изгледаат толку вкусно, што веднаш ќе посакате да ги пробате.

Може да ги послужите штом ќе ви се најават гости, за родендени, куќни слави и други свечености. Рецептов ни го испрати Катерина за кој таа вели: „Со чаша јогурт или кисело млеко ќе имате вкусен појадок“.

погачици со кашкавал

Состојки:

  • 400 гр брашно
  • 25 гр свеж квасец
  • 100 мл масло
  • 100 мл млеко
  • 100 мл вода
  • 1 жолчка
  • 1 мала лажичка шеќер
  • 120 гр чадена сланина
  • 120 гр кашкавал.

За премачкување:

  • 1 белка

За посипување:

  • по потреба пармезан, ленено семе.

Подготовка:

  1. Стоплете ги млекото и водата.
  2. Во садот со млекото и водата додајте ги шеќерот и квасецот. Измешајте за да се растопи квасецот  и оставете го за време од 5 минути за да нарасне.
  3. Во меѓувреме, сланината ситно исчекајте ја. На оган ставете нелеплива тава да се загрее. Во тавата додајте ја сланината и пропржете ја кратко време. Пржената сланина извадете ја врз кујнска салфетка за да се впие вишокот на масло.
  4. Кашкавалот ситно изрендајте го.
  5. Во подлабок сад ставете го брашното, па додајте го квасецот, маслото, жолчката и прстофат сол.
  6. Почнете со месење.
  7. Откако тестото добро ќе го измесите додајте го ренданиот кашкавал и ситните парчиња сланина.
  8. Месете уште малку додека се соединат убаво сланината и кашкавалот.
  9. Покријте го тестото со крпа и оставете да нарасне.
  10. Нараснатото тесто развлечете го во кора со дебелина од 1 см и со чаша или калап вадете кругови.
  11. Наредете ги во плех обложен со хартија за печење, премачкајте ги со белка и посипете со пармезан и ленено семе.
  12. Оставете ги да нараснат уште малку (15-тина минути) додека се загрее рерната на 180 степени.
  13. Печете додека заруменат. Печените мини погачици со кашкавал и сланина извадете ги од рерната, оставете ги кратко време да се изладат, а потоа послужете ги. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Рецепт за едноставна и лесна погача.

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Сподели: