Мусака од карфиол и мелено месо

Карфиол е многу здрав зеленчук и може да се консумира на различни начини. Можеби досега сте правеле салата или сте го јаделе свеж, а сега е време да пробате нешто ново. Нашата читателка Елена, ни испрати рецепт за мусака од карфиол.

Па, доколку сакате да експериментирате со нови вкусови и да приготвувате интересни јадења, еве прилика за вас. Пробајте ја оваа мусака од карфиол, а ако ви се допадне споделете го рецептот со вашите пријателки.

мусака од карфиол

Состојки:

  • 350 гр мелено месо
  • 800 гр карфиол
  • 1 главица кромид
  • 100 гр ориз
  • млеко по потреба
  • 4-5 јајца
  • сол и мелен црн пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Кромидот ситно исечкајте го.
  2. Во тава на оган, на умерена температура ставете малку масло да се загрее. Во загреаното масло додајте го ситно сечканиот кромид. Пржете го со континуирано дека омекне и добие златеста боја.
  3. Во тавата додајте го меленото месо и зачинете со сол и мелен црн пипер. Со постојано мешање пропржете го месото. Штом месото добие кафеава боја додајте го оризот и измешајте.
  4. Потоа, тавчето тргнете го од огнот.
  5. Карфиолот исечете го на мали цветови и ставете го во вода која врие. Варете го кратко околу 3 до 4 минути.
  6. Во тавата за печење ставете еден ред од обарениот карфиол, а над него распоредете го пропрженото месо. Врз месото наредете го преостанатиот карфиол.
  7. Во тавата налејте млеко, така што тоа треба да биде малку над карфиолот.
  8. Тавата со карфиолот ставете ја да се пече во загреана рерна на 220 степени. Штом карфиолот омекне и се зарумени, изматете 4 до 5 јајца. Матените јајца додајте ги во тавата со карфиолот и продолжете со печењето уште 5 минути.
  9. Готовата мусака од карфиол послужете ја додека е топла. На здравје!

Рецептот го испратил: Елена Мачковска.

Ви предлагаме да прочитате: Запечен карфиол со ќофтиња и кашкавал.

Сподели: