триглицериди

Намалете ги покачените триглицериди во крвта

Триглицеридите се масти, неопходни за одржување на човечкиот живот и се најчесто застапени липиди во нашето тело, а ги има и во храната која ја консумираме. Кога јадеме, вишокот калории кои организмот не ги користи веднаш, ги претвора во триглицериди кои се складираат во масните клетки и се користат при дефицит на храна.

Триглицеридите се изградени од глицерол и три масни киселини, а ги имаат следите функции во организмот:

  • Обезбедуваат енергија
  • Претставуваат примарен чувар на енергија во телото
  • Имаат заштитна функција
  • Учествуваат во апсорпцијата и транспортот на витамините растворливи во масти (А, Д, Е и К)

Покачени триглицериди во крвта

Колку и да се корисни триглицеридите за нашето тело, високата вредност може да го наруши здравјето, затоа што може да доведе до стеснување на артериите – атеросклероза која го зголемува ризикот од срцев удар, мозочен удар и кардиоваскуларни заболувања. Оваа состојба може да биде предизвикана и од дијабетес, дебелина, проблеми со бубрезите, алкохолизам и генетско влијание. Често пати заедно со покачените триглицериди е покачен и холестеролот во крвта. Покрај тоа што триглицеридите се масти, тие може да се добијат во огранизмот доколку исхраната која ја консумираме е богата со јагленохидрати. Затоа, доколку имате покачени триглицериди се препорачува да го ограничите внесувањето на рафинирани јагленохидрати и шеќери.

триглицериди

Покрај тоа експертите препорачуваат да ги следите следните совети:

  • Намалете го алкохолот, а доколку нивото на триглицериди е високо, целосно откажете го. Прекумерното консумирање на алкохол е една од основните причини за покачено ниво на триглицериди. Кај некои луѓе дури и најмалото количество на алкохол може да ги покачи триглицеридите во крвта. Доколку триглицеридите ви се покачени, строго е забрането консумирање на алкохол.
  • Консумирајте храна богата со растителни влакна. Зголемете го внесувањето на растителни влакна до 30 грама на ден, така што ќе консумирате поголеми количини на овошје и зеленчук.
  • Намалете ги рафинираните шеќери и храната богата со јагленохидрати. Ако имате покачено ниво на триглицериди избегнувајте бел леб, бел ориз и храна која е направена со бел шеќер, како торти, колачи и сладолед. Трудете се белиот леб и ориз да ги замените со интегрални производи.
  • Редовно консумирајте храна богата со омега-3 масни киселини. Храната богата со омега-3 масни киселини може да ви помогне во борбата со триглицеридите. Рибата, јаткастите плодови, лененото семе и лененото масло се одлични извори на омега-3 масни киселини. Јадете риба најмалку двапати седмично.
  • Одржувајте здрава телесна тежина. За да ги намалите покачените килограми, редовно вежбајте и намалете го внесот на калории преку храната. Редовната и умерена физичка активност во текот на седмицата може да ви помогне да го намалите нивото на триглицериди во крвта за 20-30%.
  • Заборавете на цигарите. Откажувањето од оваа штетна навика може да ви го намали бројот на триглицериди во крвта и нивото на „лошиот“ холестерол, со што се намалува и ризикот од кардиоваскуларни заболувања.

Сподели: