чадорче за коктел

Направи сам: Чадорче за коктел

Потоплото време нѐ мами да живееме полуксузно. Штом сонцето се појави, сите одиме да ги миеме колите, купуваме тренди парчиња, нови чевли и штикли, наочари и седнуваме во некои од кафулињата каде наместо стандардно пиво – нарачуваме коктел. Чашите во кои се служат најчесто се големи, а на нив стои некое чадорче за коктел или украсна сламка и гранче од некоја билка.

Коктелите се служат на шанковите уште пред неколку десетици години и се сметале за луксузен пијалок. Тие се омилени кај женската популација, затоа што полесно се пијат и не додаваат непријатен здив како пивото, туку само нијанса на овошна арома. Голем број коктели задолжително го имаат она шарено чадорче како декорација.

Навиката да се декорираат коктелите со мало чадорче не е толку нова. Познавачите на коктелите тврдат дека се работи за обичај што е влезен во мода уште во времето на прохибицијата во САД, во триесеттите години од минатиот век. Во тоа време Дон Бич, некогашен морнар, отворил ресторан со полинезиска инспирација и декорација наречен „Tiki Culture“. Румот бил главна состојка во приготвувањето на коктелите, a во тој егзотичен стил, му дошла и идејата да ги украси коктелите со мало хартиено чадорче.

Оваа идеја бргу била прифатена и од конкуренцијата, која масовно почнала да ги употребува чадорчињата за своите коктели. Така, една мода станала репер за коктелско украсување.

Направете чадорче за коктел за 30 секунди

Но, сега чадорчето за коктели ќе може дома да го направите сами за неколку секунди, а потребна ви е хартија во боја, чепкалка за заби и лепило.

Од хартијата исечете круг. Кругот превиткајте го на половина и вратете го во првобитната состојба. Постапката со превиткување повторете ја повеќе пати како што е прикажано на видеото. Земете една чепкалка и во средината на чадорчето направете отвор. Во внатрешната страна, ставете малку лепило и зацврстете ја чепкалката со чадорчето. Чадорчето поставете го во вашиот омилен коктел и забавата може да започне!

Ви предлагаме да прочитате: Цвет од мандарина – овошна декорација за коктели.

Сподели: