невен

Невен – природен и ефикасен лек за кожата

Невенот, Calendula officinalis L. (Asteraceae), одамна е познат како скапоцено лековито средство. Цветовите од невен се користеле за медицински цели уште од 12 век. Тој цвета од мај до доцна есен во медитеранските предели, а со своите големи златно-жолти или портокалови цветови и прекрасниот мирис ги разубавува дворовите. 

Невенот е богат со флавоноиди, каротиноиди, сапонин, полисахариди и етерични масла. Тој содржи калиум, провитамин А, ликопен и органски киселини. Флавоноидите кои ги содржи невенот, претставуваат антиоксиданси од растително потекло, кои ги штитат клетките од оштетувања, настанати од слободните радикали. Невенот е корисен при воспаленија, вируси и бактерии.

Традиционално, невенот се користел за лекување на чир на желуди, како и при менструални болки, но не постојат научни докази дека невенот помага при овие состојби. Денес, невенот се користи локално, така што се нанесува на кожата.

Докажано е дека невенот овозможува побрзо зараснување на раните, а тоа најверојатно се должи на зголемување на протокот на крв и кислород на инфицираната површина, со што се овозможува побрз раст и обновување на ткивата. Исто така се користи за да ја подобри хидратацијата и цврстината на кожата. Сувите цветови од невен се користат во масло, тинктури, масти, кремови за лечење на рани, модринки, изгореници од прв степен и изгореници предизвикани од сонцето, алергиски реакции на кожата, за лечење на проширени вени и заболувања на вените, против акни и чиреви на кожата, убоди од инсекти, исипувања предизвикани од пелени кај децата, отоци и повреди. Докажано е дека невенот помага при дерматитис и инфекции на кожата кај пациенти со канцер на дојка, за време на терапијата со зрачење. Невенот покрај тоа што има антиинфламаторно, има и антигабично дејство, што го прави поволен и за третирање на габичните инфекции на кожата.

невен

Чај од невен

Чајот од невен се приготвува така што 1 лажица (5 до 10 грама) суви цветови се ставаат во 250 мл вода. Се остава чајот да стои 10 до 15 минути, а дозволено е да се пијат 2 до 3 чаши на ден, за возрасни лица. Кремот од невен се нанесува 3 до 4 пати на ден врз кожата.

Растенијата одамна се користат за зајакнување на телото и третирање на болести. Но, понекогаш може да имаат непосакувани ефекти доколку стапат во реакција со други растенија, суплементи или лекови. Затоа секогаш кога користите некои растенија, треба да се советувате со лекар. Невенот се сместа за безбеден доколку се користи врз кожата. Не треба да се нанесува на отворени рани без контрола на лекар. Луѓето кои се алергични на растенија, вклучувајќи хризантема и амброзија, може да имаат алергиска реакција на невенот (вообичаено црвенило на кожата). Бремени жени и жени кои дојат не треба да употребуваат невен.

Не постојат научни докази за реакција на невен со конвенционални или хербални лекови. Теоретски, невенот доколку се консумира орално може да стапи во реакција со следните лекови, па затоа се препорачува да се консултирате со лекар, доколку користите:

  • Седативи
  • Лекови за висок крвен притисок
  • Лекови за третирање на дијабетес.

Ви предлагаме да прочитате: Како да направите масло од невен?

Сподели: