Непечена кремаста торта со бисквити 1

Непечена кремаста торта со бисквити

Повкусна од што изгледа и поедноставна од што може да замислите! За да ја подготвите оваа непечена кремаста торта со бисквити не ви е потребно долгогодишно искуство во кујната, напротив, може да ја направи секој и тоа со совршен резултат на крај!

Рецептот доаѓа од нашата кујна, го испробавме и гарантираме дека тортата е неодоливо вкусна. А, каква ли може да биде кога избравме проверено добри состојки?!  Мека, сочна, кремаста и бела, создадена за да ни ги разубави празничните денови, направена со љубов да ни ги разнежни сетилата. Прочитајте го рецептот и ќе се уверите колку лесно се прави и без печење.

Непечена кремаста торта со бисквити 2

Состојки:

  • 450 гр бисквити
  • 4 кесички пудинг од ванила
  • 10 лажици шеќер
  • 125 гр путер на собна температура
  • 1 литар млеко за подготовка на пудинзите
  • 200 мл млеко за натопување на бисквитите
  • 500 мл слатка павлака
  • 300 гр сечкано бело чоколадо и 100 гр кокос (може да користите 300 грама колачиња со вкус на кокос и бело чоколадо)
  • рендано чоколадо за декорација
  • други додатоци за декорација по желба.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе го филот, односно пудинзите. Во длабок сад ставете го прашокот за пудинг и шеќерот. Измешајте ги и потоа додајте 200 мл млеко. Повторно измешајте за да се добие хомогена смеса.
  2. Преостанатото млеко ставете го во сад на оган да се вари. Штом млекото зоврие, намалете ја температурата и со постојано мешање додајте го пудингот. Продолжете да мешате две до три минути додека пудингот се згусне. Тенџерето тргнете го од огнот и оставете пудингот да се излади.
  3. Путерот ставете го во сад за матење. Изматете го пенасто со миксер. Во садот со путерот постепено додавајте од изладениот пудинг. Миксирајте додека се добие крем. Во кремот додајте го сечканото бело чоколадо и кокосот (или колачињата).
  4. Во друг поголем сад изматете ја слатката павлака до цврст снег.
  5. Редењето на тортата може да започне. Непосредно пред редењето, бисквитите прво потопете ги во млекото, а потоа редете ги во плех или доколку имате специјален сад за торта.
  6. Ставете ред бисквити, па премачкајте со филот од пудинг и бело чоколадо.
  7. Врз филот ставете и втор ред бисквити потопени во млеко, па премачкајте со кремастата слатка павлака.
  8. Повторно наредете слој од потопени бисквити, па премачкајте со филот со пудинг и белото чоколадо. Над него, наредете бисквити и ставете од слатката павлака. Постапката повторете ја додека се потрошат сите бисквити.
  9. На крај, тортата премачкајте со кремот од слатката павлака и декорирајте со рендано чоколадо. На здравје!

Совет плус: Ние наредивме 4 слоеви бисквити со по 15 во ред (3 бисквити во ширина и 5 во должина), но тука не мора да примените некое правило и може да се раководите по сопствена желба. Зависно од површината која ќе изберете да ја покриете со бисквити, односно колку сакате да биде голема тортата, може да ја направите повисока со повеќе редови од бисквити и филови, а помала во ширина, или пак да ја направите поголема во ширина, а да е пониска во висина.

Полесно и повкусно од што може да замислите!

Ви препорачуваме да прочитате: Чоколадни кремасти коцки со бисквити и лешници.

Сподели: