непечен солен ролат

Непечен солен ролат

Катерина ни кажа „Идејава за рецептов ми дојде спонтано, ама вистински ја красеше трпезата.“ Кога ја погледнавме фотографијата од непечениот солен ролат кој ни го припреми таа, се уверивме дека е така, затоа предлагаме, да го пробаме сите!

Состојки:

  • 210 гр млечен леб
  • 80 гр обарен спанаќ
  • 6 лажички пармезан
  • 2-3 лажици мајонез
  • 6 парчиња тост кашкавал.

Фил:

  • 80 гр артичоки од тегла (во замена може да ставите кисели краставички)
  • 3 суви домати во масло
  • 125 гр крем сирење
  • 1/2 лажичка копар
  • 3 лажици пармезан
  • по потреба сол.

За премачкување:

  • 120 гр крем сирење.
непечен солен ролат

Подготовка:

  1. Најпрво направете го филот. Артичоките и сувите домати исечете ги на мали парчиња. Додајте го пармезанот, крем сирењето, копарот, малку посолете и  убаво измешајте.
  2. Калапот за векна обложете го со парчиња од леб, претходно премачкани со мајонез. На дното врз лебот ставете од обарениот спанаќ кој треба да е ситно исечкан. Врз спанаќот посипете го 3 лажички пармезан.
  3. Земете парчиња од лебот исечен на квадрати и внимателно со помош на сукало истенчете го. Премачкајте ги со филот и завиткајте во ролат. Секој ролат обвиткајте го со парчиња тост кашкавал и наредете ги во калапот.
  4. Од горе нанесете го преостанатиот спанаќ и поросете 3 лажички пармезан, па затворете со парче леб премачкано со мајонез.
    Завиткајте го калапот со најлонска фолија и оставете го во фрижидер неколку часа, а може да се остави да стои и преку ноќ.
  5. Пред сервирање премачкајте го со крем сирење и украсете по желба.

Рецептот го испратил: Катерина Милошеска Глигоровска

Сподели: