овошна торта со јагоди

Овошна торта со јагоди

Кога станува збор за убави и вкусни рецепти за торти, можеме да кажеме дека Невена е меѓу најдобрите. Таа овој пат ни предлага сочна, овошна торта со јагоди која изгледа фантастично. Па, ако набрзо ве очекува роденден или едноставно сакате да направите нов, но испробан рецепт, вие сте на вистинското место.

За да ја направите оваа овошна торта со јагоди потребни ви се неколку состојки, а сигурни сме дека поголемиот дел од нив ги имате дома. И во првата прилика штом имате слободно време, не заборавајте да ја направите и да ни пишете во коментар како ви се допаднала.

овошна торта со јагоди

Состојки:

  • 4 жолчки
  • 4 белки
  • 10 гр мед
  • 100 гр шеќер
  • 1 лажица млака вода
  • 70 гр брашно
  • 30 гр нишесте
  • 12 гр какао (1 лажица)
  • 10 гр прашок за печиво.

Фил:

  • 2 кесички шлаг (80гр шлаг)
  • 200 мл ладно млеко
  • 2 лажици мед
  • 500 мл овошен јогурт од јагоди
  • 200 гр сечкани јагоди
  • 5 листови желатин.

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги жолчките, шеќерот и медот. Матете ги со миксер додека се добие хомогена, кремаста смеса.
  2. Во друг сад за матење ставете ги белките и додајте прстофат сол. Белките изматете ги цврст шлаг и додајте ги во смесата од жолчки.
  3. Изматените белки и жолчки измешајте ги лажица или жица за матење.
  4. Брашното, нишестето, какаото и печивото измешајте ги во одделен сад, а потоа додајте ги во смесата и измешајте ги со лажица за да се добие хомогена смеса. Повеќе совети за тоа како може најдобро да направите пандишпан прочитајте тука
  5. Смесата за пандишпан истурете ја во намрсен и набрашнет (или може да користите хартија за печење)  калап бр.26 и печете за време од 15 минути на 180 степени. Печениот пандишпан оставете го да се излади.
  6. Во меѓувреме пригответе го филот. Желатинот ставете го во ладна вода околу 10 минути за да омекне.
  7. Шлагот изматете го со млекото и медот. Од јогуртот издвојте 100 мл и оваа мала количина ставете ја во мало тенџере на оган да се загрее. Во јогуртот додајте го желатинот и измешајте го да се стопи. Тенџерето тргнете го огнот.
  8. Јогуртот со желатин додајте го во садот со изматениот шлаг, измешајте, а потоа додајте ги јагодите и преостанатиот јогурт. Измешајте го овошниот фил.
  9. Пандишпанот поделете го на половина (попречно, а за полесно да го одделите може да употребите и конец).
  10. Едната половина ставете ја за основа, потоа ставете половина од филот, па поклопете со втората половина од паднишпанот и ставете го преостанатиот фил.
  11. Наросете со инстант чоколадно млеко или какао по желба и ставете ја овошната торта со јагоди во фрижидер да се стегне неколку часа, па послужете ја и уживајте.

Рецептот го испратил: Невена Ѓеровска.

Ви предлагаме да прочитате: Брз овошен колач со јагоди.

Сподели: