одгледување на зеленчук во куќа или стан 1

Одгледување на зеленчук и лековити билки во куќа или стан

Исконска е потребата да човекот биде во контакт со природата, а одгледувањето на храна одамна било дел од секојдневната човекова активност. Жителите на селските и приградските населби, најчесто имаат доволно простор на кој може да одгледуваат зеленчук, овошје, цвеќиња и украсни растенија. Градската, урбана средина е осудена на бетон и малку зелени површини кои се изложени на големо загадување. Па, многумина од нас и покрај тоа, имаат желба за одгледување на зеленчук и лековити растенија во својот дом, најчесто во саксии.  

На кој начин можеме градината и природата да ги донесиме во нашите домови?

Зачините, некои врсти на зеленчук и украсните растенија може да се пресадат од градината и да се одгледуваат во саксии и жардинјери. За одгледување на зеленчук и зачински растенија најпогодни се дрвени сандаци кои се долги 40 до 50 см, широки 20 до 35 см и длабоки од 12 до 30 см, за да може коренот да има доволно простор да се развива. Сандаците мора да имаат отвори на дното низ кој ќе истекува водата.

Доколку сакате растенијата да ги одгледувате во саксии, тогаш на дното треба да се постави слој кој добро ќе ја задржува влагата. Тоа може да биде пилевина, тресет или ситен песок. Кога се сади, односно пресадува растение од градината во саксија, задолжително на дното треба да се постави слој од чакал, парчиња од скршени плочки или керамички садови кои ќе помагаат при дренажа. Друго на што треба да се внимава и изборот на земја. Кога се садат растенијата се припрема земјата така што се мешаат 2 дела од градинарска земја и еден дел од ситен, речен песок.

одгледување на зеленчук во куќа или стан

Нашите читатели кои имаат куќи и мал двор, пред зимата треба да ги внесат растенијата во заштитен простор. Тој простор може да бидат ладни соби, затворени тераси, кујни или стакленик. Основен предуслов за одгледување на растенијата е доволна количина на светлина во избраните простории. Најдобро е растенијата да се постават покрај прозорците или на прозорската даска од внатрешната страна. Светлото е многу важно, а одредени растенија имаат потреба од дополнително осветлување во текот на зимата. Притоа треба да се води грижа кога при јаки мразеви доаѓа до смалување на температурата во близина на прозорците, па во тој случај растенијата треба да се постават подалеку од прозорското стакло.

Во зимскиот период треба да се води грижа и за влажноста на земјата во саксијата, затоа што куќите и становите се прегреваат. Затоа врз горниот слој на земја се поставува влажен песок, а исто така може да ви послужат стари памучни ткаенини кои повремено ќе се навлажнат со вода.

Ви предлагаме да прочитате: Топ 5 совети за домашно одгледување на зачини во кујната.

Сподели: