овошна салата со чија семе

Освежителна летна овошна салата со чија семе

Се прашувате што да појадувате денес? Засладете се со секогаш посакуваната овошна салата, овој пат во летна верзија со додаток на чија семе, која е креирана во кујната на Сѐ за храна. Изобилува со витамини, минерали и растителни влакна, а ќе ви даде и енергија која е потребна преку денот.

За да ја направите потребни ви се праски, кајсии, јагоди, аронија и чија семе, и малку слободно време. А еве подетално зошто се одлучивме за оваа комбинација.

Праските се нискокалорични и се погодни за честа консумација. Една голема праска има помалку од 70 калории и содржи 3 грама растителни влакна, кои го подобруваат варењето на храната и го регулираат нивото на холестерол. Кајсиите се богати со ликопен, каротеноид  кој е значаен за здравјето на белите дробови и превенира одредени типови на рак. Покрај тоа, присуството на бета каротен во нивниот состав и помага на кожата да се заштити од штетното влијание на ултравиолетовите зраци. Јагодите се богати со биотин кој овозможува подобрување на цврстината на ноктите и косата. Елагичната киселина која ја содржат ги штити еластичните влакна кои се дел од нашата кожа и на тој начин спречуваат стареење и набрчкување на кожата. Аронијата е мало бобинкасто овошје кое спаѓа во групата на најздрави овошја во светот, а интересно е што се смета дека е помошник на здравјето во заштита од уживањата на технолошката ера, а тоа се компјутерите и мобилните телефони кои секој од нас ги има и користи во секојдневниот живот! Чија семето помага за намалување на телесната тежина, го зголемува чувството на ситост и е најбогат извор на омега 3 масни киселини.

летна овошна салата

Состојки:

  • 2 праски
  • 2 кајсии
  • 10 јагоди
  • 10 зрна замрзната или свежа аронија
  • 1 до 2 мали лажички чија семе.

Подготовка:

  1. Праските измијте ги и излупете ги. Потоа пресечете ги на четвртини или помали делови.
  2. Кајсиите измијте и исечете ги на тенки листови.
  3. Јагодите измијте ги. Во длабока чинија ставете ги праските, кајсиите, јагодите, аронијата и чија семето. Измешајте ги и оставете ги за време од 10 до 15 минути, за да може чијата да впие од сокот од овошјето.
  4. Потоа, свежата и освежителна овошна салата со чија семе послужете ја. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Чија овошна салата.

Сподели: