Домашен пекмез од кајсии

Пекмезот од кајсии воопшто не е тешко да се направи, а тајната е во изборот на убави и меки овошки, на кои треба да им се извадат семките, а потоа да се варат заедно со шеќерот. На крајот ќе добиете највкусен домашен пекмез од кајсии кој е совршен за филување на омилените палачинки и кроасани, а исто така е идеален за појадок со парче топол двопек премачкан со малку путер и шолја кафе.

Предлогот за пекмез од кајсии го најдовме на блогот Kuhinjica Mignone и се надеваме дека ќе ви се најде овој период. Најважно е тоа што не се користат конзерванси за негова припрема, а може да се чува во тегли или да се замрзнува.

пекмез од кајсии

Состојки:

  • 2 кг кајсии (без семки)
  • 600 грама шеќер.

Подготовка:

  1. Изберете убави и здрави кајсии, добро измијте ги и извадете им ги семките. Доколку кајсиите имаат темни точки на површината, отстранете ги со нож, а не е потребно целосно да ги лупите.
  2. Од исчистените кајсии измерете 2 кг и ставете ги во големо тенџере, додајте го шеќерот и варете ги за време од 2 часа додека добите густ пекмез.
  3. На почеток, пекмезот варете го на висока температура, потоа намалете ја и продолжете со варењето на средна температура за време од 1 час. За ова време пекмезот ќе биде течен и ќе се гледаат парчињата овошје, па доволно е само повремено да го промешате.
  4. Штом пекмезот ќе почни да се згуснува и јако да врие, намалете ја температурата и продолжете со варење додека ја добиете посакуваната густина, за време од 1 час.
  5. Варениот пекмез од кајсии тргнете го од огнот и додека е врел ставете го во чисти и топли стаклени тегли. Теглите ставете ги во рерната да се изладат и на површината да се формира тенка кора. Наредниот ден, теглите може да ги затворите со капак или целофан кој кратко време бил потопен во ракија.
  6. Пекмезот може да се чува во замрзнувач и тоа е добро за сите кои немаат доволно простор за чување на зимницата. Штом пекмезот се свари, се остава во тенџерето да се излади, а потоа се става во пластични садови и чаши како амбалажа. Садовите се затвораат со капак или со целофан и ластиче, па се ставаат во замрзнувач. Пред да се користи, замрзнатиот пекмез се вади и се остава 30 минути да се одмрзни.

Ви предлагаме да прочитате: Кајсии – здраво и вкусно кралско овошје.

Сподели: