Печени гурмански компири 1

Печени гурмански компири

Прекрасниве печени гурмански компири може да ви послужат како одличен ручек или вечера! Кате ни кажа: „Рецептов излезе случајно, од се по нешто од фрижидер и на крај имавме супер вкусен ручек.“, а нас ни се допадна и со задоволство го споделуваме за сите да имаат можност да го пробаат!

Па доколку сте љубител на печени компири, овој рецепт е вистинското решение за вас.

Печени гурмански компири 2

Состојки:

  • 6 поголеми компири
  • 1 голема главица кромид
  • 250 гр свежи шампињони
  • 150 гр шунка
  • 130 гр чајна салама
  • 250 гр моцарела
  • 1 лажичка куркума
  • 1 лажичка оригано
  • маслиново масло, сол, црн пипер, путер по потреба.

Подготовка:

  1. Компирите излупете ги и ставете ги да се варат.
    Откако ќе се сварат оставете ги убаво да се изладат, а потоа исечете ги на помали коцки.
  2. Во тава на оган ставете маслиново масло. Додајте го кромидот исечен на тенки кругови. Посолете, налејте малку вода и оставете да се подзапржи.
  3. Во друга тава на малку маслиново масло испржете ги шампињоните исечени на листови.
  4. Во стаклен сад за печење (претходно премачкан со путер) ставете ги компирите. Посолете ги, наросете црн пипер и посипете со куркума.
  5. Одозгора ставете го кромидот, шунката исечена на коцки, чајната салама исто така исечена на мали коцки и шампињоните.
  6. Најгоре нанесете ја моцарелата исечена на кругови.
  7. Посипете со оригано и ставете да се пече на загреана рерна од 200 степени, за време од околу 20 минути.
  8. Послужете ги топли. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви препорачуваме да прочитате и печени компири со лук и рузмарин.

Сподели: