Печени крофни со домашен чоколаден прелив 1

Печени крофни со домашен чоколаден прелив

Постојат многу идеи за подготовка на овој неодолив десерт, но ние денес ќе ви претставиме еден интересен рецепт за поздрава варијанта на печени крофни со прелив од чоколадо. Класичните крофни кои се пржат во масло, содржат многу маснотии, па не се најздрави, а често пати пердизвикуваат и проблеми со желудникот. Освен тоа, ретко кој може да се воздржи да не ја премине препорачаната дневна доза на калории кога јаде пржени крофни.

За разлика од класичните, крофните печени во рерна содржат многу помалку калории, а се готови за многу кратко време. Така, само за половина час ќе имате вкусни, неодоливи, меки и здрави крофни, кои ќе ве освојат уште на првиот залак со својот изглед и вкус. Плус тоа и малку поздрави!

Печени крофни со домашен чоколаден прелив 2

Состојки:

За крофни:

  • 1 чаша брашно
  • 1 лажичка прашок за печиво
  • ¼ лажичка сода бикарбона
  • ¼ лажичка мелено мускатно оревче
  • прстофат хималајска сол
  • 170 мл млеко
  • 50 грама кокосово брашно
  • 2 лажици растопен путер
  • 1 лажичка екстракт од ванила
  • 1 лажица сок од лимон

За прелив:

  • 4 лажици шеќер во прав
  • 2 лажици какао во прав
  • 2 ½ лажици млеко.

Подготовка:

  1. Во подлабок сад измешајте ги брашното, прашокот за печиво, содата бикарбона, мускатното оревче и солта.
  2. Во друг сад измешајте ги млекото, шеќерот, путерот, екстрактот од ванила и лимоновиот сок.
  3. И двете смеси ставете ги во еден сад и мешајте додека добиете хомогено и мазно тесто, кое нема да биде прегусто за да може да се тури во калапите за крофни.
  4. Калапите за крофни премачкајте ги со растопен путер.
  5. Со помош на лажица или готварски шприц наполнете ги калапите со припременото тесто. Секој калап наполнете го до 2/3 од неговата висина, затоа што во текот на печењето доколку се преполнат, тестото може да се излие и крофните да го изгубат својот изглед.
  6. Печете во загреана рерна на 180 степени за време од 12 минути.
  7. Откако ќе се испечат, оставете ги малку да се изладат, па извадете ги од калапите.
  8. Во меѓувреме подгответе го преливот. Во длабок сад измешајте го шеќерот во прав со какаото и млекото.
  9. Секоја крофна потопете ја од едната страна во подготвениот чоколаден прелив, исцедете го вишокот, па оставете ја на решеткаста подлога за да се исуши.
  10. По желба, додека преливот сеуште не е здрвен, крофните може да ги поросите со иситнети јаткасти плодови, кокос или шеќерни трошки во разни бои. Уживајте и на здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Печени крофни со јаболка и цимет.

Сподели: