уштипци од мелено месо со кашкавал 1

Печени уштипци од мелено месо

Нашата пријателка Лана, од блогот Kuhinjica Mignone уште еднаш нѐ изненадува со одличен рецепт кој сигурно ќе ви се допадне и вам. Таа ни предлага да пробаме печени уштипци од мелено месо, наполнети со кашкавал и превиткани со чадена сланина. Звучи многу вкусно!

Овој специјалитет за уштипци од мелено месо, лесно се прави, а нема потреба од пржење, постапка која се среќава во голем број рецепти. Потребен ви е само калап за мафини и малку време за формирање на уштипците, со што ќе добиете специјалитет од прва класа. А штом го направите, не заборавајте да ни пишете во коментар, како ви се допаднало ова јадење.

уштипци од мелено месо со кашкавал

Состојки:

  • 350 грама мелено месо
  • 1 голема главица кромид
  • 2 парчиња леб
  • масло по потреба
  • млеко по потреба
  • 1 јајце
  • сол
  • црн пипер
  • сечкан магдонос
  • 100 грама кашкавал
  • 150 грама чадена сланина исечена на тенки ленти.

Подготовка:

  1. Кромидот ситно исечкајте го.
  2. Во тава на оган, на средно висока температура ставете малку масло да се загрее. Во загреаното масло, ставете го ситно сечканиот кромид и пропржете го.
  3. Во длабока чинија ставете млеко и додајте ги парчињата леб. Оставете ги кратко време во млекото за да омекнат.
  4. Во длабок сад ставете ги меленото месо, солта, црниот пипер, додајте сечкан магдонос, пропржениот кромид, омекнатиот леб и јајцето. Убаво измешајте ја смесата, а по потреба може да додадете лебни троши, за да може полесно да се обликуваат уштипците.
  5. Кашкавалот исечете го на коцки.
  6. Во калап за мафини, ставете ги лентите чадена сланина, така што краевите да висат малку на надворешната страна. Од меленото месо, формирајте топчиња, а во средината ставете по една коцка кашкавал. Уштипците од мелено месо ставете ги во калапот за мафини, поклопете ги со сланината и зацврстете ги со чепкалка.
  7. Печете ги во загреена рерна на 200 степени за време од 30 минути. Кога се готови, веднаш извадете ги од калапите за да не се залепат. Пред служете извадете ги чепкалките. Послужете ги во комбинација со салата. Пријатно јадење!

Сподели: