црни патлиџани во сос - италијанска пармиџана 1

Печен специјалитет од црни патлиџани во сос – италијанска пармиџана

Многу сакаме кога ја менуваме секојдневната кујна со нови и интересни рецепти! Таков е и рецептот за италијанската пармиџана. Звучи интересно нели?! Вреди да се проба овој печен специјалитет од црни патлиџани во сос!

Во нашето поднебје се познати под различни имиња, а најчесто се нарекуваат црни или модри патлиџани. И едното и другото е исправно, а бидејќи се вкусни и хранливи уживаме да експериментираме со нив. Што се однесува на рецептот, Невена ни посочи: „Ова јадење е од италијанската кујна, направено од пржени црни патлиџани и запечени со сос од домати, пармезан, моцарела, босилек… Идеално и освежувачко посебно за потопло време.“

Може да ве интересира: Модар патлиџан – зеленчук богат со антиоксиданси.

црни патлиџани во сос - италијанска пармиџана 2

Состојки:

  • 3 средни црни патлиџани (околу 1 кг)
  • 10-тина лажици пармезан
  • 200 гр моцарела или кашкавал исечкан на мали коцки
  • свежи листови босилек

За сос:

  • 1 конзерва од 400 гр пелати домати или 500 мл доматен сос
  • 1/2 мала главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 3-4 свежи листови босилек
  • 1 лажиче шеќер
  • сол и црн пипер по потреба
  • маслиново и сончогледово масло по потреба.

Подготовка:

  1. Црните патлиџани исечете ги на парчиња по должина, а со дебелина од околу 1 см. Посолете ги со сол, па оставете ги во цедалка да се цедат околу 1 час за да ја испуштат темната течност. За тоа време подгответе го сосот од домати.
  2. Ако употребувате домати, наместо доматен сос, ситно исечкајте ги.
  3. Кромидот и лукот ситно исечкајте ги и пропржете ги во 10-тина лажици загреано маслиново масло.
  4. Во тавата додајте ги и доматите или доматниот сос, шеќерот и неколку листови свеж босилек. Промешајте и оставете ги да варат на средно силен оган околу 10 минути.
  5. На крај додајте сол и бибер по вкус и тргнете го на страна.
  6. По изминатото време црните патлиџани избришете ги со кујнска салфетка и испржете ги во поголема количина сончогледово масло. Пржените парчиња ставајте ги на салфетка за да се исцедат од вишокот на масло.
  7. Потоа подгответе ги за печење. Во мала тава (20 х 20см) ставете неколку лажици од доматниот сос, па над него ставете неколку парчиња од црните патлиџани (треба да има за 3 реда), пак сос од домати, 3 лажици пармезан, малку моцарела или кашкавал и неколку листови босилек. Одозгора повторно наредете црни патлиџани и од останатите состојки се додека ги потрошите.
  8. Печете во загреана рерна на 180 степени за време од околу 25-30 минути. Јадењето послужете го топла или ладно со лепче како самостоен оброк.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате: Модри патлиџани на португалски начин.

Сподели: