Пикантен сос од домати и модри патлиџани - зимница 1

Пикантен сос од домати и модри патлиџани – зимница

Сите гурманите и обожаватели на пикантни и лути вкусови, љубителите на сосови, никој не може да одолее на овој вкусен додаток! Состојките за подготовка на овој пикантен сос од домати и модри патлиџани се лесно достапни, локални и воопшто не се скапи. Може да си го дозволи секој кој што ќе реши да издвои малку време и да го подготви за себе и за семејството. Одличен е како додаток со печено месо, а супер е и како мезе со брускети или печени лепчиња!

Кујната на нашата пријателка Лара изобилува со интересни рецепти кои се инспиративни за сите нас. Така наидовме на овој сос, го пробавме, ни се допадна, па топло ви го препорачуваме да си го направите.

Пикантен сос од домати и модри патлиџани - зимница 2

Состојки:

  • 5 кг излупени домати
  • 5 кг модри патлиџани
  • 2 чешниња бел лук
  • 1 чили пиперче
  • 2 главици виолетов кромид
  • 3 зелени јаболка
  • 1 лажичка синап во зрно
  • 1 лажичка семки од коморач
  • 1 лажичка ким
  • мал врзоп мајчина душичка
  • 50 мл масло, 50 мл винска киселина, 50 гр кафеав шеќер (а најдобро овие состојки да ги прилагодите по вкус)
  • сол по вкус.

Подготовка:

  1. Најдобро е прво да ги припремите сите состојки, а потоа да започнете со подготовка на рецептот. Доматите кратко спуштете ги во вода која врие, па измијте ги под млаз ладна вода и веднаш излупете ги. Модрите патлиџани излупете ги и исечете ги на ситни коцки. Истото напревете го и со јаболката.
  2. Во сад со подебело дно, ставете ги кратко да се запржат семенките (синапот, кимот, коморачот), без да додадете масло, колку убаво да замирисаат, па префрлете ги во друга чинија. Потоа, во тавата турете малку масло и додајте ги ситно сечканиот кромид и лук, чили пиперчето, мајчината душица и пропржете ги заедно неколку минути.
  3. Додајте ги ситно сечканите домати, модри патлиџани и јаболка (по желба можете и без нив), па динстајте околу 10 минути.
  4. Додајте ги киселината и шеќерот, по предложените дози или по вкус, а истото важи и за солта.
  5. Варете на тивка температура околу 45 минути, додека испари вишокот на течност, а сосот добие убава густина.
  6. Турете ја смесата додека е топла во чисти, стерилни и претходно загреани тегли. Добро затворете ги и превртете ги барем 10 минут за да се вакумираат. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Рецепт за ѓувеч – за побрза подготовка на манџи.

Сподели: