Пилешка салата со печурки и кисели краставички

Ниту една слава, именден или семејна прослава не може да се замисли без вкусна салата! А кога сме кај салатите, ги има многу! Кинеска, руска или пилешка салата во комбинација со кифлички и ордевер за вистинско гурманско уживање со пријателите.

На предлог од Драгица, го споделуваме рецептот за пилешка салата со печурки и кисели краставички. Од наведените состојки ќе добиете поголема количина на салата, затоа што токму овој рецепт, Драгица го прави за семејните свечени прилики. Доколку сакате да направите помала количина, едноставно преполовете ги состојките, а наместо мајонез може да ставите кисела павлака.

пилешка салата со печурки

Состојки:

  • 1 кг пилешко бело месо
  • 1 тегла маринирани шампињони
  • 1 тегла кисели краставички
  • 3 тврдо варени јајца
  • 3 лажици сенф
  • 1 мала тегла мајонез
  • сол и мелен црн пипер
  • сечкан магдонос.

Подготовка:

  1. Пилешкото месо исечете го на мали парчиња.
  2. Во тенџере на оган ставете вода и додајте го пилешкото месо. Варете го на умерена температура, со повремено мешање. Штом пилешкото месо е варено, тенџерето тргнете го од огнот.
  3. Месото исцедете го, а потоа ставете го врз даска за сечкање. Ситно исечкајте го, а доколку имате кујнски сечко или друг кујнски алат, може да ги искористите за сечкање.
  4. Сечканото пилешко месо ставете го во длабок сад или поголемо тенџере.
  5. Шампињоните ситно исечкајте ги. За во оваа салата може да користите и фабрички сечкани шампињони. Сечканите шампињони, добро исцедете ги од течноста и додајте ги во садот со сечканото месо.
  6. Киселите краставички ситно исечкајте ги на мали коцки и додајте ги во садот со пилешкото месо.
  7. Варените јајца излупете ги и ситно исечкајте ги на коцки. Сечканите варени јајца додајте ги во садот со пилешкото месо. Со помош на голема лажица измешајте ги состојки.
  8. Во садот додајте сенфот, мајонезот и сечканиот магдонос. Посолете и зачинете со мелен црн пипер. Добро измешајте ја салата за да се соединат состојките. Потоа, послужете ја и декорирајте по желба. На здравје!

Рецептот го испратил: Драгица Ристоска.

Ви предлагаме да прочитате: Пилешка салата со макарони.

Сподели: