pilesko so tikvicka 1

Пилешко со тиквички во кари сос

Лесен и едноставен рецепт за сите обожаватели на пилешко во кари сос! Овај пат во нашата кујна ви приготвивме интересен предлог за пилешко во кари сос во комбинација со тиквички, кој може да го послужите за ручек или вечера.

Па, ако сакате да каснете нешто што е здраво и не содржи многу калории и масти, ова е вистинскиот рецепт за вас. Штом еднаш ќе го пробате, сигурно ќе се најде на вашата листа на омилени јадења.

пилешко со тиквичка во кари сос

Состојки:

  • 400 – 500 грама варено пилешко месо
  • 1 средна тиквичка
  • 200 грама златна мешавина (морков, грашок, пченка)
  • 200 мл кисела павлака
  • 1 чаша ориз
  • масло по потреба
  • ½ мала лажичка кари
  • сол и црн пипер.

Подготовка:

  1. Оризот исчистете го и измијте го со вода.
  2. Во тенџере на оган на висока температура ставете 2 чаши вода. Тенџерето покријте го со капак. Штом водата ќе зоврие во тенџерето додајте го оризот, посолете, наросете црн пипер и намалете ја температурата. Тенџерето покријте го капак и оставете оризот да се вари за време од 8 до 10 минути, без притоа да мешате. Потоа тргнете го тенџерето од оган и оставете го поклопено уште 5 до 10 минути. Варениот ориз измешајте го со вилушка.
  3. Во друго тенџере на оган ставете ја златната мешавина и додајте вода. Оставете зеленчукот да се вари за време од 10 до 15 минути.
  4. Вареното пилешко месо исчистете го од коските и кожичката, а потоа исечете го на коцки.
  5. Тиквичката измијте ја и исечете ја на кругови. Од круговите исечете тенки ленти.
  6. Во тава на оган, на умерена температура ставете го маслото да се загрее. Во тавата додајте ги исечканите тиквички, налејте малку вода и покријте ја тавата со капак. Динстајте ги тиквичките додека омекнат. Потоа во тавата ставете го пилешкото месо и кратко динстајте.
  7. На крај, во тавата додајте го варениот зеленчук и динстајте уште една до две минути. Потоа, додајте ја киселата павлака и ставете 50 мл вода. Измешајте ги состојките, посолете ги, наросете црн пипер и додајте го кари зачинот. Ако го обожавате вкусот на карито, може да додадете повеќе зачин. Оставете пилешкото месо со зеленчук да се динстаат 3 до 4 минути.
  8. Во чинија за сервирање ставете од варениот ориз и додајте го пилешкото месо во кари сос со зеленчукот. Декорирајте со ситно сечкан магдонос. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Пилешко во кари сос со зеленчук и ориз.

Сподели: