Пинирлија - пита потурена со сирење и јајца 1

Пинирлија – пита потурена со сирење и јајца

Името на оваа прекрасна месена пита има варијации – пинирлија, пинирлии, пејнирлии, пенирлии… Како и да се изговара, всушност станува збор за пита пита потурена со сирење и јајца, еден вид сирењак.

Весна од срце сподели со нас „Од времето на фурните, утрата по сокаците мирисале на свежо испечените лебови и пинирлии. Било важно пинирлиита да не е многу висока, дебела како велиме. Баба ми велеше: „Тва не е леб, мора даа потенка, как душичка мека, така си личе…’’

Вкусната пинирлија била главен специјалитет на трпезите за бројните празници кои не се посни.

Пинирлија - пита потурена со сирење и јајца 2

За струмичкиот крај било познато „Ако ви се најават ненадејно гости, а немате баш нешто специјално во моментот, прво што ви доаѓа на памет е – „Да замесам една пинирлиичка, дудека да дојдат ќе стасе, ќе се испече, да си апнат чувеците топличка’’. Така се препознава типична струмичанка, дојранчанка…“ Така беше кај нас дома, пинирлијата е и за гости и за доручек и за вечера.- ни кажа Весна.

Добар апетит на сите љубители на ова наше преубаво, традиционално македонско јадење!

Состојки:

За тесто:

  • 700-800 гр брашно
  • 1 квасец
  • 1 мало лажиче шеќер
  • 150 мл масло
  • 1 мало лажиче сол.

За фил:

  • 6 јајца
  • околу 400 гр сирење
  • 75-100 мл масло
  • 1 мало лажици сол.

Забелешка:  Ова се мерки за голем длабок плех од шпорет.

Подготовка:

  1. Квасецот се става во поголем сад со шеќерот и солта и се остава да нарасне, а и не е морално да го чекате.
  2. Потоа во садот се додаваат брашното и маслото и убаво се меси. Количината на брашното која ќе ја додадете е варијабилна, а важно е да добиете средно меко тесто. За да не биде многу тврдо почнете со помалку брашно. По желба можете да ја намалите количината на маслото, како и солта да ја менувате по вкус.
  3. Тестото убаво се меси. Потоа се развлекува и потоа со помош на дланките се прилагодува на формата на плехот за печење, кој треба претходно да е намрсен.
  4. Така припременото тесто се покрива со платнена крпа и се остава да нарасне.
  5. Кога е нараснато, по рабовите се прави венец со вдлабнатина и се притискаат насекаде дупчиња за да може да се задржи филот.
  6. Јајцата се разматуваат и се мешаат со издробено сирење, солта и маслото, а потоа се налева врз тестото. Тавата се става да се пече околу 25 минути во загреана рерна на 180-200 степени.
  7. По печењето не се покрива, туку можете веднаш по неколку минути да ја сечете и да ја сервирате, а најчесто се сервира со кисело млеко.

Брзо се прави, а вкусот е прекрасен. На здравје!

Рецептот го испратил: Весна Рор, Со љубов за вас.

Ви препорачуваме да прочитате: Рецепт за домашен мазник со сирење.

Сподели: