пирамида торта со ореви и бело чоколадо

Пирамида торта со ореви и бело чоколадо

Ова е една од нашите омилени торти кои лесно се прават, а имаат многу декоративен изглед. Рецептот за оваа пирамида торта со ореви и бело чоколадо, повеќе пати е испробан во нашата кујна, па не двоумете се да ја пробате и уживате во фантастичниот вкус со семејството и пријателите.

Можете да ја направите за време на претстојните празници, а комбинацијата од бело чоколадо, какао, ореви и бисквити сигурни сме дека ќе ви се допадне и вам. Штом ја пробате, не заборавајте да ни напишете во коментар како ви се допаднал овој рецепт.

пирамида торта со ореви и бело чоколадо

Состојки:

  • 6 јајца
  • 6 лажици шеќер
  • 6 лажици брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво

Фил:

  • 250 мл млеко од Млекара Здравје Радово
  • 200 грама бело чоколадо за готвење
  • 1 лажица какао
  • 2 лажици шеќер
  • 150 грама дробени или мелени бисквити
  • 150 грама потпечени и толчени ореви

Шлаг крем:

  • 2 ќесички шлаг крем од чоколадо
  • 400 мл ладно млеко.

Подготовка:

  1. Рерната пуштете ја да се загрее на 220 степени.
  2. Во длабок сад за матење ставете ги јајцата и шеќерот. Матете ги со миксер додека шеќерот се растопи и се постигне густа, цврста смеса.
  3. Во чинија ставете го брашното и прашокот за печиво. Измешајте ги убаво. Во садот со изматените јајца, додајте го брашното и измешајте со лажица да за се добие хомогена смеса.
  4. Во плех, ставете хартија за печење и турете ја смесата за пандишпан. Убаво израмнете и ставете го плехот да се пече во загреаната рерна за време од 10 до 15 минути, додека добие убава румена боја. Со помош на чепкалка, проверете дали е печен пандишпанот. Печениот пандишпан оставете го да се излади, а потоа исечете го на 15 ленти со дебелина од околу 1 см.
  5. Во мало тенџере на оган, на тивка температура ставете ги млекото, чоколадото искршено на коцки, какаото и шеќерот. Мешајте додека чоколадото и шеќерот се растопат. Потоа, тргнете го тенџерето од огнот, додајте ги потпечените ореви и мелените бисквити. Убаво измешајте ги состојките.
  6. Врз долгунеста чинија за торта, наредете 5 ленти од пандишпанот. Врз нив ставете 3 до 4 лажици од филот и убаво разнесете го. Потоа, наредете 4 ленти и ставете од припремниот фил. Врз филот, ставете 3 ленти од пандишпанот и филовајте ги. Над нив ставете уште 2 ленти, нанесете фил, а потоа ставете ја преостанатата лента од пандишпан. Така што треба да добиете форма на пирамида.
  7. Во сад за матење ставете го шлаг кремот и млекото. Изматете ги со миксер додека се постигни соодветната густина. Со приготвениот шлаг крем, премачкајте ја тортата и украсете ја по желба. На здравје!

Сподели: