Од кујната на Марија Кочовска: Пица мазник

„Мазникот, кој уште се среќава под поимот вртена пита, тегната пита, колпите е стар македонски специјалитет зазема значајно место во македонската кујна и ден денес. А бидејќи на многумина пицата им е омилена, решив да направам една интересна комбинација и приготвив пица мазник.

Сигурна сум дека ќе биде вашиот омилен мазник и топло ви препорачувам да го пробате. Топол или ладен, има одличен вкус!“ – вели Марија Кочовска, фуд блогер и уредник на нашиот сајт.

пица мазник

Состојки:

  • 400 гр брашно
  • 50 мл масло
  • ½ лажичка сол
  • малку шеќер
  • млака вода по потреба.

Фил:

  • 150 гр кашкавал или сирење по желба
  • 150 гр маринирани шампињони
  • 150 гр шункова салама по желба
  • кечап по потреба
  • оригано.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете го пресеаното брашно, солта и шеќерот. Измешајте ги со лажица, а потоа додајте го маслото. Во садот постепено додавајте ја млаката вода и замесете средно меко тесто. Продолжете со месењето на тестото за време од 5 до 10 минути.
  2. Потоа, тестото поделете го на 7 дела. Секој дел обликувајте го форма на топче, а потоа секое топче исучете го како мала кора со дебелина од 2 см. Корите премачкајте ги со масло и оставете ги за време од 30 минути.
  3. Во меѓувреме подгответе го филот. Кашкавалот и шунковата салама исечкајте ги на мали коцки или изрендајте ги на ситната страна од рендето. Печурките исечкајте ги на мали коцки. Во длабок сад ставете ги сечканиот кашкавал, саламата и печурките, и добро измешајте ги.
  4. Врз стар чаршав, секоја кора растегнете ја со раце, а краевите отсечете ги.
  5. Кората попрскајте ја малку со масло, кечап, наросете оригано и нанесете од филот.
  6. Соберете ја со помош на чаршавот најпрвин како ролат, а потоа во вид на полжавче.
  7. Постапката повторете ја со сите кори.
  8. Подготвениот пица мазник ставете го во плех обложен со хартија за печење и печете го во загреана рерна на 220 до 250 степени, за време од 15 до 20 минути, додека добие убава румена боја. На здравје!

Ако ти се допадна овој рецепт и сакаш да следиш повеќе рецепти од мене, посети ги моите профили и заследи ме:

Ви предлагаме да прочитате: Рецепт за домашен мазник со сирење.

Сподели: