велигденска плетенка

Плетенка (козињак) со кокос и фил од мармалад

Традиционално за велигденската трпеза се приготвува козињак, кој уште се нарекува милиброд, плетенка или сладок леб. А кога истиот е полнет со фил од мармалад или чоколаден крем, ретко кој може да одолее.

На предлог од Диана, го споделуваме преубавиот рецепт за велигденска плетенка со кокос и фил од мармалад.  Наведените состојки се доволни за две плетенки.

велигденска плетенка со мармалад

Состојки:

  • 15 до 20 грама свеж квасец
  • 1 лажица брашно
  • 1 мала лажичка шеќер
  • ¼ чаша кокосово млеко (може да го направите дома, по овој рецепт).

Тесто:

  • 350 грама брашно (2 ½ чаши)
  • ½ мала лажичка сол
  • 2 лажици млеко во прав
  • ½ чаша кокосово млеко
  • 1/3 чаша шеќер
  • 1 јајце и 1 белка
  • 1/3 чаша растопен путер
  • ¼ чаша кокос
  • екстракт од ванила
  • 1 мала лажичка кора од лимон или од портокал
  • 1 лажица свежо цеден сок од портокал
  • 1 мала лажица ликер од портокал или сок.

Фил:

  • 1 чаша мармалад по желба (од смокви, црни сливи, мешан)
  • мелени јаткасти плодови и суво грозје по желба.

За премачкување:

  • 1 жолчка од јајце
  • 1 мала лажица кокосово млеко
  • 1 супена лажица мак.

За глазирање:

  • шеќерен сируп.

Подготовка:

  1. Во мал длабок сад се ставаат квасецот, кокосовото млеко, шеќерот и брашното. Се мешаат додека квасецот се растопи. Квасецот се остава да нарасне.
  2. Брашното, солта и млекото во прав се мешаат со лажица.
  3. Јајцата и шеќерот се ставаат во сад за матење и се матат со миксер. Штом шеќерот се растопи во садот се додава кокосовото млеко и се продолжува со матење.
  4. Во садот со матените јајца се додава нараснатиот квасец, смесата од брашното и преостанатите состојки за тестото. Се продолжува со месење со миксер или рака, додека се формира топка од тесто.
  5. Добро измесеното тесто се става во сад и се покрива со кујнска крпа. Садот се остава на топло место да нарасне за време од 1 до 1,5 часа. Може да се направи и двојно нараснување. Еднаш нараснатото тесто премесува и се остава повторно да нарасне.
  6. Нараснатото тесто се дели на 4 дела. Секој дел се сучи во форма на правоаголна кора.
  7. Две од корите се премачкуваат со фил, кој е важно да биде густ. Може да се стави мармалад, чоколадо, да се додадат мелени ореви, лешници или суво грозје. Од двете кори се формираат ролати.
  8. Другите два дела од тестото се сучат во форма на правоаголни кори со дебелина од 4 до 5 мм. Во средината на корите се ставаат ролатите. Под агол од 45 степени од краевите на корите се сечат ленти, кои се плетат околу ролатот.
  9. Плетенките се оставаат во намрсена тава да нараснат за време од 30 до 40 минути. Пред печење се премачкуваат со изматена жолчка со млеко и се поросуваат со мак по желба. Плетенките се печат во загреана рерна на 175 степени за време од 30 минути, додека добијат златеста боја. Печените плетенки со кокос и мармалад се вадат од рерната и се оставаат да се изладат.  По желба се глазираат со шеќерен сируп.

Ви предлагаме да прочитате: Традиционален Велигденски милиброд (козињак).

Сподели: