Полнети кифлички со изварка

Полнети кифлички со изварка

Меки, сочни и ароматични! Баш вака можеме да ги опишеме преубавите кифлички со изварка кои ги приготви Катерина.

Сигурно ви го привлекоа вниманието, па не двоумете се да ги направите уште денес. Рецептот е испробан, а состојките кои ви се потребни се едноставни и најверојатно ги имате во кујната. Нека замириса домот на топли печени кифлички со кои ќе се израдуваат сите!

полнети кифлички со изварка

Состојки:

  • 600 гр брашно
  • ½ коцка свеж квасец
  • 60 мл масло
  • 3 лажици кисела павлака
  • 1 лажичка сол
  • 1 лажичка шеќер
  • околу 250 мл топла вода.

За фил:

  • 250 гр рикота или изварка
  • 1 ½ лажица сечкан магдонос
  • лук по вкус.

Други состојки:

  • по потреба путер
  • по потреба сусам, ленено семе
  • 1 јајце.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете ги брашното, квасецот, маслото, киселата павлака, солта, шеќерот и топлата вода. Замесете средно меко, не лепливо тесто.
  2. Садот за месење покријте го со кујнска крпа и оставете го да нарасне.
  3. Лукот издробете со помош на преса или ситно исечкајте го.
  4. Во длабок сад ставете ја изварката, сечканиот магдонос и лукот. Посолете по вкус и добро измешајте го филот.
  5. Откако тестото ќе нарасне, поделете го на 27 топчиња. Притоа групирајте на 9 места по 3 топчиња.
  6. Земете едно топче и со помош на сукало исучете го во форма на правоаголник.
  7. По должината нанесете од филот со изварката и завиткајте како ролат.
  8. Направете го истото и со други 2 топчиња.
  9. Од трите мини ролати сплетете плетенка, на која потоа ќе и ги споите краевите. На овој начин треба да добиете кифлички како на сликата.
  10. Истата постапка повторете ја и со другите топчиња.
  11. Готовите кифлички наредете ги во намрсен плех.
  12. Премачкајте ги со разматено јајце, нанесете парчиња путер и посипете ги со сусам и ленено семе.
  13. Печете ги во загреана рерна на температура од 200 степени за време од 30 минути (зависно од рерната).
  14. Печените кифлички со изварка извадете ги од рерната и покријте ги со чиста кујнска крпа. Оставете ги да се изладат за време од 5 до 10 минути, а потоа послужете ги. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Брзи кифлички без нараснување.

Сподели: