Полнети пиперки со ориз и туна 1

Полнети пиперки со ориз и туна

Секој ден треба да јадеме нешто, а нели е прекрасно кога на трпезата имаме сервирано некој нов вкус!? Ви предлагаме да го пробате нашиов рецепт за полнети пиперки со ориз и туна, кој ќе ве „прошета“ по нови дегустативни патеки!

Комбинацијата на состојките е многу интересна и испробана од вештата Невена, што е навистина голема потврда за добриот вкус. Да го направиме и ние дома!

polneti piperki so oriz i tuna 2

Состојки:

  • 4 големи меснати црвени пиперки
  • 1 чаша (од 200мл) ориз
  • 1/2 мала главица кромид
  • 1 среден морков
  • 4 лажици замрзнат грашок
  • 1 конзерва туна (160-180 гр)
  • сол и црн пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Најпрво ставете вода во тенџере на оган и оставете го да зоврие.
  2. Во него додајте ги оризот и ситно исечканиот морков.
  3. По неколку минути додајте го ситно исечканиот кромид и грашокот, па продолжете со варењето додека оризот омекне. Доколку користите грашок од конзерва додајте го на крај заедно со туната.
  4. Исцедете го оризот од водата и оставете го малку да се излади.
  5. Додајте ја туната заедно со маслото, посолете по вкус и измешајте. Оставете го настрана.
  6. Пиперките исечете ги по должина на половина, извадете го семето и малку посолете ги.
  7. Ставете ги во плех, претходно намачкан со масло и ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени за време од околу 20 минути, а може и пократко зависно од шпоретот или желбата.
  8. По изминатото време извадете ги од рерна и внимателно со лажиче наполнете ги со подготвениот ориз.
  9. Вратете ги во рерната да се допечат уште 20-тина минути.

Вака подготвените пиперки можат да се послужат како предјадење од риба или како главно јадење со некоја салата.

Рецептот го испратил:  Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате: Брзи уштипци од туна и ориз.

Сподели: