Посен интегрален леб со тиква 1

Посен интегрален леб со тиква

Можностите во кујната се неограничени, а посебно ако имате желба да експериментирате! За сите љубители на нови вкусови, сега имаме нов рецепт за посен интегрален леб со тиква!

Како што може да погледнете од фотографијата, изгледа многу привлечно. Ни доаѓа од кујната на Невена и тоа е еден вид сигурна препорака дека треба да се проба од сите нас. Па, еве како се прави.

Посен интегрален леб со тиква 2

Состојки:

  • 300 гр пире од печена или варена тиква
  • 150 гр интегрално брашно
  • 150 гр ржано брашно
  • 150 гр спелтино брашно
  • 100 гр бело брашно
  • 1/2 коцка квасец
  • 1 кесичка прашок за печиво
  • 1 лажица мелено ленено семе
  • 1 лажица сусам
  • 1 лажица сончоглед
  • 1 лажиче шеќер
  • 1 лажиче сол
  • 10 лажици масло
  • топла вода по потреба .

Подготовка:

  1. Во малку топла вода растворете го квасецот и ставете го во садот во кој ќе го месите лебот.
  2. Додајте ги сите останати состојки освен водата. Водата додавајте ја постепено и замесете изедначено и меко тесто.
  3. Убаво измесеното тесто покријте го и оставете го на топло околу 1 час за да нарасне.
  4. Потоа размесете го во долгунеста форма и ставете го во калап (30х11см) кој претходно сте го намрсиле со масло и сте го посипале со брашно.
  5. Оставете го повторно да нарасне,некаде 40-тина минути и ставете го да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени. Печете околу 45 минути, а потоа исклучете ја рерната и оставете го лебот да стои уште 15 минути во неа.
  6. Кога е печен извадете го и покријте го со фолија и крпа, за да омекне и да се излади.

Забелешка: Во тестото може да се додаде и една лажица семки од тиква. Ако немате не мора да ставите. При крајот на печењето ставете хартија за печење за лепчето да не потемни премногу.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате: Домашен интегрален леб.

Сподели: