посен намаз од индиски ореви и зачини

Посен намаз од индиски ореви и зачини

Имаме нов, многу вкусен посен намаз од индиски ореви! На предлог на нашата пријателка Диана, го споделуваме овој супер рецепт. Подготовката е едноставна, а добиениот намаз е здрав, вегански, не содржи глутен и лактоза.

Добро е што зачините може да ги додавате по вкус, па така ќе направите намаз по ваша мерка. Топло ви препорачуваме да го пробате, затоа што знаеме дека ќе ви се допадне. Диана вели дека потсетува на крем сирење, но во посна варијанта.

посен намаз од индиски ореви

Состојки:

  • ½ чаша индиски орави
  • 3 лажици вода
  • 1 лажица сок од лимон
  • 1 мала лажичка јаболкова киселина
  • сол и лук во прав по вкус
  • 1 – 2 лажици свежи зачини (магдонос, копар, кромид).

Подготовка:

  1. Индиските ореви ставете ги во сад и додајте малку вода колку да ги прекрие. Оставете ги за време од 2 до 3 часа, а најдобро е преку ноќ.
  2. Потоа, исцедете ја водата. Индиските ореви ставете ги во блендер и додајте ги водата, сокот од лимон, јаболковата киселина, солта и лукот во прав. Блендирајте ги состојките додека се добие намаз. По желба додајте свежи зачини и продолжете со блендирањето кратко време. Доколку намазот е многу густ може да додадете вода.
  3. Готовиот намаз ставете го во сад и затворете го со капак. Оставете го во ладилник околу еден до два часа за да се спојат вкусовите. Послужете го со посни крекери, оризови галети, маслинки и други свежи зеленчуци по желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Едноставен посен намаз од печурки и грав.

Сподели: