Посен солен куглоф за слави

На ваше барање! По повеќе пристигнати пораки во нашето сандаче во кои ни се обраќате за рецепт за посен солен кекс, посна солена торта или колач, ви предложуваме одличен рецепт за посен солен куглоф кој ние го припремаме за нашите куќни слави, имендени, родендени и други убави поводи.

Рецептот се подготвува од повеќе состојки, но е доста лесен за правење и ќе може да се снајдат и помалку искусните домаќинки. Пробајте го и нека е на здравје!

Посен солен куглоф за слави

Состојки:

  • 250-300 гр брашно
  • 1 коцка квасец
  • 50 мл млака вода
  • 2 рамни лажички шеќер
  • 1 рамно лажиче сол
  • 100 мл вода
  • 3 лажици масло
  • 7-10 маслинки зависно од големината
  • 4-5 лажици лупен сончоглед
  • 2 лажици семки од тиква
  • 1 лажица сув копар
  • по желба може да додадете неколку гранчиња свеж магдонос или шолја обарен и исцеден спанаќ
  • малку маргарин за печење и намрсување на кугловот.

Подготовка:

  1. Во поголем длабок сад за месење ставете го квасецот, а потоа додајте ги шеќерот, солта, млаката вода и малку брашно за да добиете кашеста смеса. Убаво измешајте ги состојките и оставете го садот на топло место за квасецот да нарасне.
  2. Потоа во садот додајте ги и останатите состојки, брашното, маслото, сончогледот, семките од тиква и сончоглед, копарот и ситно сечканите маслинки. Замесете убаво и мазно тесто.
  3. Калапот за куглоф намрсете го со малку маргарин, а потоа во него ставете го тестото и оставете го да убаво да нарасне на собна температурата. Тоа може да потрае 30-45 минути зависно од температурата на просторијата.
  4. Наранатото тесто во кугловот, пред печење засечете го по површината во вид на попречни линии кои ќе наликуваат на парчиња, а потоа на неколку места ставете парчиња маргарин кои се потребни за печењето.
  5. Печете во загреана рерна на 180 степени за време од 25-30 минути, или додека постигне убава златна боја.

Сподели: