13 последици по здравјето од високо протеинска диета

Поради желбата за брзо ослободување од вишокот килограми сите сме во потрага по некоја брза диета која ќе ни помогне лесно да си ја постигнеме целта. На интернет можеме да најдеме илјадници диети, кои се базираат на разни принципи, но сепак високопротеинската диета никогаш не излегува од мода и сеуште е чест избор за многумина.

Доколку се одлучите да ја применувате оваа диета во подолг временски период прво информирајте се за тоа што се може да се случи во вашиот организам, а потоа донесете ваша одлука дали ќе пристапите кон некој поздрав начин на намалување на телесната маса, или сепак единствено решение гледате во високопротеинската диета. Ако се храниме здраво тогаш со храната можеме да внесеме во нашиот организам многу корисни материи кои го одржуваат, го подобруваат нашето здравје и не штитат од разни болести. Основниот проблем со високопротеинските диети е тоа што не внесуваме доволно хранливи материи, а притоа во организмот има зголемено создавање на штетни соединенија и намалување на pH вредноста во крвта. Оваа ситуација на нашето тело му ја отежнува задачата да го одржи и подобри здравјето на организмот.

протеинска диета

Што може да ви се случи доколку се одлучите да примените ваква диета?

Често уринирање – организмот ги троши складираните резерви на јаглехидрати, а при тоа се троши многу вода од организмот и поради тоа во почетокот на диетата доаѓа до често уринирање.

Умор и вртоглавица – поради губитокот на вода губите и минерали и електролити, па затоа ќе чувствувате умор и вртоглавица.

Хипогликемија – на почетокот поради наглото намалување на внесот на јаглехидрати може да се јави хипогликемија, поради тоа што организмот редовно излачува одредена количина на инсулин за да ги метаболизира јаглехидратите, а сега излачената количина на инсулин е голема за малото количество внесени јаглехидрати поради што тие брзо се метаболизираат и додека да се навикне организмот на новата состојба можете да искусите некои вознемирувачки симптоми на хипогликемијата.

Главоболка – поради кетозата може да се јават и главоболки.

Констипација – може да се јави поради дехидратацијата, загубата на соли и минерали (особено загуба на магнезиум),  или поради големиот внес на млечни производи.

Дијареја –  може да се јави поради промената на исхраната и вообичаено се јавува во првите денови, а по неколку денови овој проблем исчезнува.

Тремор и слабост –  ова е директен ефект од хипогликемијата, но може да се јави и како резултат на загуба на минерали.

Мускулни грчеви – се јавуваат поради губитокот на магнезиум.

Проблеми со спиењето – најверојатно настануваат поради ниските нивоа на инсулин и серотонин во организмот.

Бубрежни каменчиња – се смета дека постои зголемен ризик од настанување на бубрежни каменчиња поради зголемениот губиток на калциум преку урината кој всушност доаѓа во контакт со бубрезите и така може да доводе до формирање на каменчињата.

Ниски нивоа на тироидниот хормон Т3 – ова всушност е резултат на самата кетоацидоза, или на рестрикцијата на калории така што може да се јави и кај другите рестрикциони диети.

Забрзано срцебиење – може да биде предизвикано од нискиот крвен притисок,  хипогликемијата, недостаток на минерали или поради електролитен дисбаланс.

Дефицит на одредени витамини и минерали –  како што кажавме самата диета ограничува внес на производи богати со одредени витамини и минерали, но и губитокот на минерали преку урината е зголемен така што ова е редовен пропратен ефект на протеинските диети, па затоа минералните и витаминските суплементи се задолжителни при примена на протеинските диети.

Се смета дека овие ефекти се привремени и кога лицето ќе се врати на нормална исхрана проблемите би требало да се повлечат. Ние ви ги посочивме негативните ефекти на високопротеинските, а нискојаглехидратни диети, а ваше е да одлучите дали сепак ќе се обидете да примените една од нив. Сепак имајте на ум дека постојат многу фактори кои негативно влијаат на нашиот организам (лоша исхрана, загадување на околината, воздухот, стресни ситуации, пушење…) и поголемиот дел од нив ние не можеме да ги контролираме. Па пред да пристапите кон една ваква диета запрашајте се дали е разумно факторот – исхрана чие влијание во најголема мера можеме да го контролираме, да го искористиме не за да го одржиме и подобриме нашето здравје, туку да го загрозиме!

Ви предлагаме да прочитате: Ефектите од високопротеинските диети.

Сподели: