Посна Бадникова погача.

Посна Бадникова погача

Доаѓа Бадник, ви предлагаме да ја пробате прекрасната посна Бадникова погача, која специјално за вас ја подготвивме директно во нашата кујна и со големо задоволство и убави желби ја споделуваме со вас!  

Посна Бадникова погача

Состојки:

  • 1 коцка квасец
  • 250 мл млака вода
  • 1 лажиче сол
  • 1 лажиче шеќер
  • 500 гр брашно.

Подготовка:

  1. Во сад се става квасецот, заедно со шеќерот, солта, млаката вода и брашно во количина колку една чаша за да се добие густа кашеста смеса од квасецот.
  2. Така спремено и добро измешано се остава да отстои 10-15 минути за квасецот да надојди.
  3. Откако квасецот е готов, се додава преостанатото брашно, но препорачливо е да го додавате на повеќе пати по помалку за да можете подобро да го измесете и за да биде доволно меко.
  4. Од убаво измесеното меко тесто се одделува малку, а од него се формираат две долги суканици кои се плетат една со друга и се ставаат како обрач за основа на почачата, по работ на тава со големина број 24.
  5. Останатото тесто убаво се измесува во топчеста форма и тоа се става во средината на тавата, а потоа се остава околу 30-45 минути да надојди, а по потреба и повеќе зависно од температурата во собата. Доколку имате желба да ставите паричка во Бадниковата погача, завиткајте ја во алуминиумска фолија и ставете ја во овој дел. Откако тестото ќе надојде, плетениот обрач од долгите суканици од тесто и топчето кое сте го ставиле во средината ќе бидат споени во погача.
  6. Околу 15 минути пред да ја печите погачата, се ставаат украси по желба. Ако имате потреба да ги залепите, тоа може да го направите со малку мед. Ние ставивме цветови, листови и ружи кои ги оформивме од специјално направена смеса за украси само од брашно и вода, која треба да биде доста тврда за да може лесно да ги формирате украсите и да не ви се расипуваат.
  7. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени додека добие убава боја, а потоа намалете ја температурата на 100-120 степени за убаво да се изврие внатрешноста на погачата.

Честит Бадник, нека е за многу години!

Сподели: