посна палента

Посна палента со грав на мексикански начин

Идеите за посни и лесни рецепти секојдневно се зголемуваат! Сигурни сме дека ви се допаѓа и овој рецепт за посна палента со грав приготвена на мексикански начин. Предлогот ни доаѓа од блогот Trydiani, а вака убаво приготвената палента ја направи нашата пријателка Диана.

Палентата ја обожаваме од повеќе причини. Здрава е, лесно се приготвува и е многу хранлива за цел организам. Повеќе за придобивките од консумацијата на палента, прочитајте тука. Без разлика дали ќе ја направите за појадок, ручек или пак ќе ја искористите како мезе со пријателите, ви гарантираме дека ќе го задоволи сечиј вкус.

посна палента со грав

Состојки:

  • 1 литар бујон од зеленчук
  • 2 чаши палента
  • 400 грама варен црвен грав
  • 1 мала главица кромид
  • 1 лажица магдонос
  • 1 мала лажичка оригано
  • 1 чешне лук по желба
  • 3-4 лажици масло
  • ½ мала лажичка ким
  • чили по желба
  • сол и мелен црн пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Кромидот ситно исечкајте го.
  2. Во тенџере на оган ставете го маслото да се загрее. Во загреаното масло ставете го чешнето лук. Пропржете го кратко време, а потоа извадете го од маслото.
  3. Во маслото додајте го сечканиот кромид. Потоа додајте го зеленчуковиот бујон. Штом бујонот зоврие се додава палентата, оригано и сол по вкус. Палентата се вари за времето кое е наведено на пакувањето. Варената палента се трга од огнот и се зачинува со сол по потреба, црн пипер, ким, чили и свежи зачини по желба.
  4. Во палената се додава исцедениот варен црвен грав и смесата се меша со лажица.
  5. Во тава се става најлонска фолија. Во тавата се додава смесата од палента и се рамни со лажица. Палентата се покрива со фолијата и се остава да се зацврсти во ладилник за време од 4 часа, а најдобро е преку ноќ. Изладената посна палента со грав се вади од тавата и се сече во форми по желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Посни бомбици од палента и маслинки.

Сподели: