Посна јанија - традиционална чорба од компири 1

Посна јанија – традиционална чорба од компири

Ако сте љубител на јадењата кои се јадат со лажица, не треба да го пропуштите ова старо македонско јадење. Секој ја прави на свој начин, а во оваа прилика ви предлагаме да пробате поинаква варијанта, посна јанија!

Вкусната чорба од компири традиционално ја подготвувале и нашите баби, за домашни фамилијарни потреби, а во постаро време и за разни прослави и свадби. По овој рецепт, може да си ја подготват сите кои постат, кои сакаат вегетаријанска храна или едноставно обожаваат лесни јадења.

Направена со љубов од Весна, а ние со восхит ја споделуваме! Таа вели: „Не дека јанија со месо не е убава, преубава е, но кога би бирала, секогаш посна би одбрала. Кај нас јаниита се прави со компир, пиперка, морков и домат. Побогата е ако има и бамји кога им е сезоната. Знам дека секое семејство си врти по свое, грешки нема, без варијанти не се може, инаку како сите би биле среќни. “ Весна готви многу вкусно, а количината на состојките делумно ја остава на нашата потреба. Прилагодете ја на своите потреби и на здравје!

Посна јанија - традиционална чорба од компири 2

Состојки:

  • 1 главица кромид
  • неколку компири
  • 1 поголем морков
  • 2 пиперки
  • 1 средо голем домат
  • 1-2 чешниња лук по вкус
  • малку масло
  • сол, црвен пипер, црн пипер, магдонос по вкус.

Подготовка:

  1. Кромидот се лупи и ситно се сечка, па се запржува.
  2. Се додаваат на поситно исечкани пиперките и морковот, па се пржат заедно.
  3. Потоа се додаваат излупените и исечкани компири и лукче, малку да се запржат, па се додава сечканиот домат, се промешува неколку пати цела смеса и потоа се додава црвен пипер и вода.
  4. Се динста колку компирот да биде готов, се пасира малку од смесата за густина и се ставаат зачините. Вкусна е и откако ќе се излади, а препорачуваме да ја сервирате топла.

Весна препорачува дека кој што сака може при варењето да стави малку брашно, или класична запршка на крај, како се правело едно време. Препорачува дека вака јанијата е многу здраво подготвена, а вкусна и лесна за јадење.

Рецептот го испратил: Весна Рор.

Ви препорачуваме да прочитате: Посна чорба од компири и праз.

Сподели: