посни макарони со спанаќ.

Посни макарони со спанаќ

Овој рецепт е совршен за секоја сезона. Лесен вкус на посни макарони со чувство на свежина и здрави материи од спанаќот. Пробајте го овој фантастичен рецепт. Можете да го подготвите како лесна вечера за целото семејство или пак како омилен оброк за време на постење. Избраните додадени зачини формираат посебен „шмек“ од сензации кои оставаат впечаток на сетилото за вкус.

посни макарони со спанаќ

Состојки:

  • 300 гр макарони
  • 300 гр замрзнат спанаќ (може и свеж)
  • 200 мл павлака за готвење од соја
  • 1/2 главица кромид
  • 4-5 лажици маслиново масло
  • 1 лажица маргарин
  • 1 лажиче мешан сув зачин
  • 1/2 лажиче мајоран
  • малку рендано морско оревче
  • по вкус сол и црн пипер
  • 1 чаша вода.

Подготовка:

  1. Започнете со припрема на спанаќот. Ако е свеж исчистете го и исечкајте го или најпрво одмрзнете го.
  2. Кромидот ситно исечкајте го и малку пропржете го во тава со маслиновото масло и маргарин.
  3. Потоа додајте го спанаќот, измешајте и уште малку пржете ги.
  4. Додајте ги зачините и водата, па оставете ги да се варат додека течноста испари.
  5. Во меѓувреме сварете ги макароните во зовриена посолена вода и исцедете ги.
  6. Кога водата од спанаќот е испарена додајте ги макароните, павлаката за готвење и убаво измешајте.
  7. Послужете ги топли со салата по желба.

Постојат голем број на рецепти за подготовка на макарони, но сигурни сме дека доколку решите да ги подготвите на овој начин нема да погрешите и ќе се уверите дека нашиот предлог е одличен за целото семејство. Тестенините се храна со која може да се изведуваат безброј комбинации, а нашите посни макарони со спанаќ се испробана и проверена храна од која секогаш може само да посакувате повеќе и повеќе.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Сподели: