посни мини пици 1

Посни мини пици

Сите обожаваат пица, а нема ништо подобро од мирисот на домашна приготвена пица. Често пати на различни куќни свечености и детски родендени, вниманието ни го привлекуваат домашно припремените мини пици, така што за секој има барем по неколку парчиња.

Ако сте вегетаријанец или за време на пости ви е потребен проверен рецепт за мини пици, ви предлагаме да го пробате рецептот од нашата кујна. А доколку не постите може да направите измена во филот и наместо кашкавал од растително потекло ставете млечен, а сојата заменете ја со мелено месо или сувомеснати производи.

посни мини пици

Состојки:

  • 1 кг брашно
  • 50 мл масло
  • 1 коцка свеж квасец
  • 1 мала лажичка шеќер
  • 1 мала лажичка сол
  • млака вода по потреба.

За фил:

  • 100 мл кечап или доматен сос по желба
  • 100 грама посен кашкавал од растително потекло
  • 100 грама варени и добро исцедени трошки од соја
  • 100 грама маринирани печурки
  • оригано по вкус.

Подготовка:

  1. Брашното просејте го низ сито.
  2. Во длабок сад за месење ставете го квасецот, шеќерот и додајте 1 лажица брашно. Потоа, налејте 100 мл млака вода и измешајте за да се растопи квасецот. Оставете го квасецот да нарасне за време од 10 минути.
  3. Во меѓувреме подгответе го филот. Кашкавалот изрендајте го на ситната страна на рендето или ситно исечкајте го. Печурките ситно исечкајте ги. Во длабока чинија ставете ги ренданиот кашкавал, варените трошки од соја, сечканите печурки, кечапот, посолете по вкус и наросете оригано. Измешајте ги состојките за да се добие хомогена смеса.
  4. Во садот со квасецот додајте го преостанатото брашно, маслото, солта. Измешајте со лажица и по потреба додавајте млака вода. Замесете меко тесто.
  5. Од тестото, со сукало развлечете кора во правоаголна форма. Над кората ставете од припремениот фил и свиткајте ја во форма на ролат. Ролатот ставете го во замрзнувач за време од 20 минути, за да се стегни и полесно да се сечат правилни форми.
  6. Со помош на нож, од ролатот исечете парчиња со дебелина од 1 см.
  7. Мини пиците ставете ги во тава обложена со хартија за печење и оставете ги за време од 20 минути за да нараснат.
  8. Тавата ставете ја во загрееа рерна на 250 степени. Печете ги пиците за време 20 до 30 минути додека добијат убава румена боја. Тавата извадете ја од рерна и прекријте ја за време од 10 минути. Печените мини пици извадете ги од тавата и послужете ги. На здравје!

Сподели: