Посни плескавици од наут со тиквички за прилог

Посни плескавици од наут со тиквички за прилог

Креативната Невена ни предлага превкусен рецепт кој е совршен за деновите на пости и за сите кои обожаваат интересни специјалитети. Предлогот за посни плескавици од наут со тиквички е испробано вкусен и ве уверуваме дека ќе биде пожелен во сечиј дом за целото семејство, а на Невена искрено и се заблагодаруваме за прекрасниот рецепт! 

Посни плескавици од наут со тиквички на скара

Состојки:

  • 250 гр наут
  • 1 среден компир
  • 1 среден морков
  • 1 мала глвица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 2 лажици сусам
  • 2 лажици сончоглед
  • 1 лажиче мешан сув зачин
  • по вкус сол и бибер
  • по потреба масло

За прилог:

  • 2 средни тиквички
  • по вкус лук и магдонос
  • по вкус сол
  • по потреба масло.

Подготовка:

  1. Наутот ставете го во вода и така оставете го преку ноќ за да впие од водата и да набубри. Другиот ден истурете ја водата, налејте нова и ставете го да вари околу 45 минути додека омене, а потоа исцедете го и оставете го да се излади.
  2. Компирот и морковот излупете ги и исечете ги на помали коцки. Ставете ги да се варат додека омекнат, па исцедете ги и оставете ги да се изладат. Многу е важно да бидат убаво исцедени и оладени за полесно да се формираат плескавиците.
  3. Кромидот изрендајте го, а лукот притиснете го низ преса.
  4. Сите состојки ставете ги во поголем сад и додајте ги сусамот, сончогледот и зачините по вкус, па изблендирајте ги да се формира убава изедначена смеса.
  5. Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени, а плехот за печење обложете го со хартија.
  6. Од добиеното смеса, бидејќи е леплива, најдобро со намрсени раце формирајте малку подебели ќофтиња и раздалечени редете ги во плехот. При печењето малку се шират и затоа е добро помеѓу нив да има доволно растојание.
  7. Одозгора попрскајте ги со масло и ставете ги да се печат околу 25-30 минути за да зафатат коричка.
  8. Нашиот предлог за прилог се тиквички на скара. Тиквичките излупете ги и исечете ги на лентички или кругови. Посолете ги и оставете ги да пуштат вода, потоа исцедете ги. На загреана грил тава со малку масло испржете ги од двете страни. Кога се готови зачинете ги со лук и магдонос по вкус.

Вие може да ги послужите со прилогот по наш предлог или со друг прилог и салата по желба. На здравје!

Сподели: