Посни полжавчиња со суво и јаткасто овошје

Посни полжавчиња со суво и јаткасто овошје

Невена ни го објасни рецептов за посни полжавчиња со суво и јаткасто овошје многу примамливо, ни кажа „Вкусно, благо и миризливо печиво одлично за појадок или вечера со чаша чај“, па да да го направиме што поскоро за да можеме да уживаме и ние во нив!

Посни полжавчиња со суво и јаткасто овошје 2

Состојки:

За тесто:

  • 250 мл топла вода
  • 80 мл масло
  • 1/2 коцка свеж квасец
  • 1/4 лажиче сол
  • 4 лажици шеќер
  • 1 кесичка ванилин шеќер
  • 1 лажиче екстракт од ванила
  • околу 550-600 гр брашно.

За фил:

  • 2 средно големи јаболка
  • по 50 гр суви смокви, урми, суво грозје и брусница
  • 100 гр јаткасто овошје – ореви, лешници, бадеми и индиски ореви
  • 2 лажици шеќер.

За одозгора:

  • шеќер во прав по потреба
  • маргарин/путер или масло за прскање на пожавчињата, по потреба.

Подготовка:

  1. Прво подгответе го тестото. Во сад за месење ставете ја водата и квасецот и измешајте ги за да се раствори квасецот. Додајте ги маслото, шеќерот, солта и екстрактот. Со постепено додавање на брашното замесете, изедначено и мазно тесто. Оставете го околу 30 минути, покриено за да нарасне, а за тоа време подгответе го филот.
  2. Смоквите ставете ги во топла вода околу 15 минути за пријатно да омекнат, а потоа исцедете ги и исечкајте ги на помали парченца. На урмите извадете им ја семката доколку не е претходно отстранета и исечкајте ги. Јаболката излупете ги и изрендајте ги. Ставете ги во сад и додајте го и сувото грозје и брусницата. Јаткастите овошја измечете ги и ставете ги во садот. Додајте го и шеќерот, па измешајте ја смесата и поделете ја на 2 дела. Во едниот додајте цимет, а другиот нека остане како што е.
  3. Тестото поделете го на 2 дела. Од едниот дел на набрашнета работна маса развлечете правоаголна кора дебела околу 5-7 мм, врз неа нанесете половина од филот и завиткајте ролат. Крајот убаво притискајте го со прстите за да се спои со тестото.
  4. Така припремениот ролат исечете го на парчиња широки 2 см и директно ставајте ги во плех, обложен со хартија за печење или намрсен со масло. Во сечењето ролатите се плескаат, но при редењето во плехот малку ќе им ја вратите округлата форма, или може да ви препорачаме малку да го изладите ролатот во замрзнувачот и потоа да го сечите.
  5. Истата постапка направете ја и со вториот дел од тестото. Оставете ги околу 30 минути да нараснат и пред печење ставете им парченца маргарин/путер или попрскајте ги со малку масло.
  6. Во меѓувреме загрејте ја рерната на 200 степени. Ставете ги да се печат околу 20-25 минути и тоа можете во истиот плех кој прв сте го ставиле да се печи (излегуваат два). После 10 минути од печењето одозгора ставете им хартија или фолија за да не потемнат премногу. Покријте ги со фолија или крпа и оставете ги да се изладат малку.

Печените посни полжавчиња со суво и јаткасто овошје може да ги служите топли или ладни, посипани со шеќер во прав. На здравје!

Рецепттот го испратил: Невена Ѓероска.

Сподели: