посни ќофтиња со компири и ориз 1

Посни ќофтиња од компири и ориз

Изгледот на овие посни ќофтиња од компири и ориз, сигурно ќе ве примами при првата прилика да ги направите и да уживате во дегустацијата заедно со семејството и пријателите.

Одличниот рецепт е дело на нашата пријателка Диана, која го објави на блогот Trydiani. Ќофтињата од компири се посни и вегетаријански, па се идеален предлог за јадење за време на пости во комбинација со свежа зелена салата. А штом ги направите, не заборавајте да ни пишете во коментар како ви се допаднале.

 посни ќофтиња со компири и ориз.jpg

Состојки:

  • ½ кг варени компири
  • ½ чаша ориз
  • 2 главици кромид
  • 2 моркови
  • сол и црн пипер по вкус
  • масло, брашно и лебни трошки по потреба.

Подготовка:

  1. Во мало тенџере на оган, на висока температура ставете 1 чаша вода да се вари. Тенџерето поклопете го со капак.
  2. Оризот исчистете го и ставете го во врелата вода. Температурата намалете ја, тенџерето покријте го со капакот и оставете го оризот да се вари за време од 8 до 10 минути. Техниката за најдобро варење на ориз, прочитајте ја тука.
  3. Компирите измијте ги, излупете ги и исечкајте ги на мали коцки со големина од 1 см. Исечканите компири, ставете ги во тенџере со вода да се варат. Варете ги за време од 20 минути, додека компирите омекнат. Постапката за најбрзо варење на компири, прочитајте ја тука.
  4. Варениот ориз исцедете го, а компирите испасирајте ги.
  5. Главиците кромид ситно исечкајте ги, а морковите изрендајте ги на крупната страна од рендето.
  6. Во тава на оган, на средно висока температура, ставете го маслото да се загрее. Во загреаното масло ставете ги ситно сечканиот кромид и ренданите моркови. Пропржете ги додека кромидот и морковите омекнат.
  7. Потоа, тргнете ја тавата од оган и во неа додајте ги пасираните компири, ориз и зачинете со сол и мелен црн пипер по вкус. Оставете смесата за време од 30 минути.
  8. Од изладената смеса формирајте ќофтиња. Секое ќофте прво извалкајте го во брашно, а потоа во лебни трошки.
  9. Вака формираните ќофтиња од компири и ориз пржете ги во загреена тава со масло од двете страни за време од 3 минути, додека добијат светло румена боја. Пржените ќофтиња извадете ги врз чинија обложена со кујнска хартија, за да се впие вишокот на масло.

Совет плус: По желба и како предлог за поздрава варијанта ви предлагаме ќофтињата наместо да ги пржите, да ги печете во во тава обложена со хартија за печење.

Сподели: