тавче гравче 1

Посно македонско тавче гравче

Тавче гравче е традиционален македонски специјалитет. Се подготвува од свеж македонски грав и може да се најде скоро во сите македонски ресторани. Се сервира во македонски земјени чинии.

Основните состојки за подготовка на тавче гравче се грав, кромид, масло, сува црвена пиперка, црвен и црн пипер, сол. Во различните краеви во Македонија, кон овие состојки се додаваат и други како нане, магдонос, лук, лаворов лист и слично. А ние ви го претставуваме рецептот за тавче гравче кој традиционално се приготвува во нашата кујна.

тавче гравче

Состојки:

  • 500 грама грав
  • 1 главица кромид
  • 2 суви црвени пиперки
  • лаворов лист
  • црвена пипер
  • масло
  • сол
  • црн пипер
  • буковска пипер
  • суво нане.

Подготовка:

  1. Гравот се чисти, се мие и се потопува да лежи во ладна вода најмалку три часа (по традиција се остава преку ноќ) за да омекни. Потоа повторно се мие и се става во тенџере на оган на средна температура со вода да се вари. По првото вриење водата се истура, па во тенџерето се става нова вода.
  2. Во тенџерето се става излупената главица кромид, сувите пиперки и лаворовиот лист. Оставаме гравот да се вари додека омекне. По потреба додаваме вода во тенџерето.
  3. Кромидот го вадиме од тенџерето и го пасираме со лажица.
  4. Во тава на оган ставаме 50 мл масло да се загрее. Во загреаното масло го додаваме пасираниот кромид и го запржуваме. Маслото и кромидот ги додаваме во тенџерето и мешаме да се соединат состојките. Потоа во тенџерето додаваме црвена пипер, сол, црн пипер, буковска пипер и суво нане по вкус. Мешаме убаво за да се соединат состојките.
  5. Рерната ја загреваме на 250 степени.
  6. Гравот го ставаме во земјени тави и го ставаме во загреаната рерна да се печи кратко време, додека на површината се формира танка кора. Готовото тавче гравче го служиме додека е топло. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Посна салата од грав.

Сподели: