похувана обланда 1

Похувани обланди со фил од мелено месо

Доколку се запрашувате со каков специјалитет можете да ги изненадите вашите гости, сега имате решение. Овие вкусни похувани обланди со фил од мелено месо и кисели краставички, потсеќаат на похувани палачинки, а многу полесно се припремаат. 

Рецептот е повеќе пати испробан во нашата кујна, па не двоумете се да го пробате! Сигурни сме дека секого би оставиле без зборови!

похувана обланда

Состојки:

  • 1 пакување обланда
  • 500 грама мелено месо
  • 1 поголема главица кромид
  • 1 тегла кисели краставички
  • 2-3 лажици мајонез
  • 4 јајца
  • брашно по потреба
  • 200-250 гр лебни трошки
  • масло по потреба
  • сол и црн пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Кромидот и киселите краставички ситно исечкајте ги.
  2. Во тава на оган, на средна температура ставете го маслото да се загрее. Во загреаното масло ставете го ситно сечканиот кромид. Кромидот пржете го за време од 4 до 5 минути, додека омекни и добие златеста боја.
  3. Потоа, во тавата додајте го меленото месо, посолете по вкус, наросете мелен црн пипер и пропржете го за време од 3 до 4 минути. Тавата со меленото месо, тргнете ја од шпоретот и додајте ги ситно сечканите кисели краставички и мајонезот. Филот добро измешајте го со лажица за да се соединат состојките.
  4. Секој лист обланда ставете го помеѓу две влажни крпи за да омекне. Омекнатиот лист обланда исечете го на половина по должината, а потоа од двете долги ленти исечете по 3 до 4 парчиња (големината на парчињата е по ваша желба).
  5. Врз парчињата обланда, на страната од која се наоѓаат поголемите коцки ставете од приготвениот фил и добро распоредете го, но внимавајте да оставите малку празен простор по краевите. Двата странични краеви свиткајте ги кон внатрешната страна, а потоа парчињата свиткајте ги како ролна.
  6. Јајцата ставете ги во длабока чинија и изматете ги со вилушка.
  7. Во една чинија ставете го брашното, а во друга лебните трошки.
  8. Секоја ролна најпрво испрпелајте ја во брашно, потоа ставете ја во садот со изматеното јајце и на крај добро посипете ја со лебните трошки. Вака приготвените похувани обланди со мелено месо пржете ги во поголема количина на жешко масло. Пржените похувани обланди ставете го врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло. Вкусни и декоративни и кога се топли и кога се ладни!

Совет плус: За поздрава варијанта, ви предлагаме похуваните обланди наместо со пржење, да ги приготвите со печење во рерна. Уживајте во овај извонреден специјалитет!

Сподели: