пилешки прсти 1

Похувани пилешки прсти со сусам и ленено семе

Домашните пилешки прсти се одлични за мезе со пријателите и чаша ладно пиво, на кои ретко кој може да остане рамнодушен.

Рецептот за крцкави пилешки прсти похувани во смеса со сончоглед и ленено семе ни го испрати Даниела, а можете да ги послужите во комбинација со салата или сос по желба, со што ќе добиете вистинско гурманско задоволство.

пилешки прсти

Состојки:

  • 500 гр пилешки стек
  • 1 јајце
  • 150 гр лебни трошки
  • 4-5 лажици сусам или лупен сончоглед по желба
  • 4 лажици мелено ленено семе
  • 1 лажица сенф
  • 2 лажици кисела павлака
  • масло за пржење по потреба.

Подготовка:

  1. Пилешкиот стек се мие и се сече на парчиња, со големина според вашата желба. Наш предлог е да го исечете на ленти со дебелина од 1 см.
  2. Во посебен сад се мешаат лебните трошки, ленот и сончогледот.
  3. Јајцето се става во длабока чинија и се разматува со виљушка. Потоа во садот со јајцето се додаваат павлаката, сенфот и убаво се меша смесата за да се соединат состојките.
  4. Секое парче од пилешкиот стек се валка во садот со презлата и мешаните семиња, потоа се потопува во смесата од јајце, сенф и павлака, и на крај повторно се свалкува во лебните трошки.
  5. Во тенџере на оган се става поголема количина масло да се загрее. Во добро загрееното масло се ставаат припремените парчиња пилешки стек и се пржат од една страна за време од 3 до 4 минути, а потоа се превртуваат од другата страна и се пржат за исто време. Пржените пилешки прсти се ставаат во чинија обложена со кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.
  6. Потоа се служат со тартар сос и помфрит по желба. Вака подготвените пилешки прсти се одлични за мезе и откако ќе се изладат. Пријатен апетит!

Рецептот го испратил: Даниела Џогова.

Ви предлагаме да прочитате: Печени крцкави пилешки крилца од рерна.

Сподели: