Природен сок од вишни

Овој пат ви предлагаме испробан рецепт за домашен и природен сок од вишни, кој доаѓа директно од нашата кујна. Секоја година го правиме и уживаме во неговите освежителни ноти, па со задоволство го споделуваме со вас. Вкусот е одличен, а сокот природен, домашен и што е важно без конзерванси.

Вишните се познати по своите бројни лековити својства и антиоксидантни дејства. Тие се богати со витамини А, Ц, Е и фолна киселина, минерали, калиум, магнезиум, железо и растителни влакна. Вишната содржи феноли, галична киселина и п- кумаринска киселина, кверцетин и кемферол. Силните анти-воспалителни својства ја прават вишната корисна за намалување на болки при гихт (метаболно заболување кое се манифестира со појава на акутен артритис со рецидиви), воспалени мускули, остеоартритис и ревматоиден артритис. Истражувањата потрвдиле дека дваесет вишни дневно имаат ист ефект на ослободување на болка како аспирин или ибупрофен. Доколку сакате може да прочитате повеќе за бројните придобивки на вишните, а исто така може да направите и слатко од вишни.

сок од вишни

Состојки:

  • 1 килограм вишни
  • 1 килограм шеќер

Подготовка:

  1. Најпрво измијте ги и исчистете ги вишните од семките.
  2. Во садот со вишни додајте 500 грама шеќер.
  3. Оставете го садот со вишните да стои така 24 часа, а за тоа време вишните ќе пуштат сок.
  4. Наредниот ден, садот со вишните ставете го на оган и додајте уште 500 грама шеќер.
  5. Оставете вишните да се варат околу 30 минути, а при тоа остранете ја пената.
  6. Кога течноста ќе се згусни, садот се трга од оган.
  7. Вишните се гмечат и се цедат со помош на платнена цедалка, а готовиот сок се собира во шишиња и е чува на темно и ладно место.

Сподели: