Пченкарен кекс со афион.

Пченкарен кекс со афион

Пробајте го нашиот предлог за малку поинаков пченкарен кекс со афион. Едноставен, но сепак интересен и со поразличен состав. Клара ни кажа: „Колку повеќе стои, толку е повкусен. Вистинското уживање на вкусот и структурата е откако ќе преноќи.“ Да го пробаме и да провериме!

Пченкарен кекс со афион

Состојки:

  • 6 јајца
  • 6 лажици кафеав шеќер
  • 4 лажици мед
  • 1/2 чаша маслиново масло
  • 1/2 чаша сончогледово масло
  • 1 чаша млеко, кисело млеко или јогурт
  • 3 чаши пченкарно брашно
  • 1 кесичка прашок за печиво
  • 1 лажиче екстракт од ванила
  • 1/2 кесичка сув квасец
  • 4 полни лажици афион.

Забелешка: 1 чаша = 200 мл.

Подготовка:

  1. Потребен ви е поголем сад за матење. Оригиналниот рецепт препорачува одделно матење на белките, а жолчките да се матат во друг сад заедно со шеќерот и медот, и потоа внимателно да се додадат матените белките. Додека пак, во овој случај јајцата се матени цели и тоа заедно со шеќерот и медот, но многу подолго време, можеби околу 10 до 15 минути, односно додека почне да се познава трага од миксерот.
  2. Потоа, брзината на миксерот сведете ја на минимум и додајте ги двете вида масла и млекото/јогуртот или киселото млеко.
  3. Додајте ги и квасецот, печивото, афионот и на крај додајте го пченкарното брашно кое треба да го измешате со помош на жица или лажица.
  4. Смесата турете ја во претходно намрсена и набрашнета тава со големина 25х35см. Печете на 180 степени околу половина час.
  5. Кога ќе излади, посипете го кексот со шеќер во прав и исечете на коцки или ромбоиди.

Рецептот го испратил: Клара Бос.

Сподели: