рестован компир 1

Рестован компир со тиквичка

Посно, вегетаријанско, без глутен и нискокалорично! И се заблагодаруваме на Катерина за овој лесен и брз рецепт за рестован компир, а што е најважно јадењето е здраво и богато со зеленчук како тиквичка, морков, кромид и лук. Затоа пробајте го и уживајте во компирите збогатени со аромата на магдонос и рузмарин.

Рестованиот компир може да го послужите со парче месо, а за време на пости или доколку сте вегетаријанец послужете го со свежа салата.

рестован компир

Состојки:

  • 500 грама компири
  • 1 главица кромид
  • 1 тиквичка
  • 1 поголем морков
  • 1 лажица сецкан магдонос
  • 1 неполна лажичка рузмарин
  • 3 чешниња лук
  • по потреба масло, мелен црн пипер, мешан сув зачин.

Подготовка:

  1. Компирите измијте ги и исечкајте ги на коцки. Во тенџере на оган, на средно висока температура ставете вода, посолете и додајте ги компирите да се варат. Штом водата зоврие, тенџерето затворете го со капак, а температурата намалете ја. Техниката за најдобро варење на компири прочитајте ја тука.
  2. Штом компирите ќе се сварат, исцедете ги и испасирејте ги.
  3. Кромидот и лукот ситно исечкајте ги. Морковите и тиквичката изрендајте ги на крупната страна на рендето.
  4. Во тава на оган со загреано масло ставете ги сечканиот кромид, изренданите морков и тиквичка и лукот. Пржете ги додека зеленчукот омекне, а потоа додајте ги сварените и испасирани компири, и сечканиот магдонос.
  5. Компирите зачинете ги со рузмарин, црн пипер и мешан сув зачин. Со постојано мешање убаво соединете ја смесата додека компирот почне да се умесува и да се одлепува од краевите на тавата.
  6. Приготвениот рестован компир послужете го додека е топол.

Сподели: