рецепт за пивтија 1

Рецепт за божиќна пивтија

Секоја трпеза за Божиќ ја красат убави и вкусни јадења, кои домаќинките ги приготвуваат со голема љубов. Еден рецепт кој традиционално се приготвува во Македонија за Божиќ е пивтија – пача од свински нозе. Карактеристично е тоа што, пивтијата се вари на 5 јануари, а се јаде на Божиќ.

Овој рецепт за пивтија ни го испрати Дијана, за кој вели: „Чинам како еден белег е тоа, кој се пренесува од стари колена, на сите генерации по нив. Веднаш ќе ви откријам, мајсторијата е само до варењето и тоа во времетраењето, кое како што велиме цел ден, обавезно 7-8 часа. Важно кај пифтијата од свински ноџиња е тоа што вода не се притура во варењето, во спротивно нема да се фати. А, како некој сооднос на состојките по кој се водам е следниов, на 1 кг зајре (месо и ноџиња) одат 2,5 литри вода. Пивтија варам и од свинска глава, во неа можи да се дотура вода. Во пивтијата можи да се додади и телешка удина по желба“.

рецепт за пивтија

Состојки:

  • 600 г свински ноџиња
  • 1 кг чиста свинска удина
  • 1 кг свинска коленица
  • сол по вкус
  • 1 главица лук со средна големина
  • 6,5 литри вода.

Подготовка:

  1. Свинските нозе убаво исчистете ги, измијте ги и ставете ги во длабок сад со солена вода преку ноќ.
  2. Наредното утро, убаво измијте ги и ставете ги во големо тенџере со водата да се варат. Доколку не се киснат во солената вода, штом еднаш зовријат, веднаш фрлете ја таа вода.
  3. Откако ќе зовријат се додава сол, тенџерето се покрива со капак и се продолжува да се вари на умерен оган. Најпрво тенџерето треба да биде полу покриено за да не претечи течноста, а потоа, кога содржината на вода ќе се намали, целосно се покрива тенџерето.
  4. Свинската удина се сече на коцки и се става во тенџере на оган да се вари. Штом кратко ќе зоврие, се вади од тенџерето и се мие од пената.
  5. По еден час варење, во тенџерето се додава телешка удина по желба, а по 2 часа од варењето се додава свинската удина.
  6. Пивтијата се вари додека течноста се преполови во тенџерето за време од околу 7 до 8 часа.
  7. Кога е готова пифтијата, се трга од оган, се додава лукот истолчен со малку сол и убаво се меша. Месото се распоредува во садовите (без ковчиња, тие веќе се испаднати во тенџерето) и преку цедалка се сипува од течноста. Се остава на ладно да се здрви, најдобро е преку ноќ. На здравје!

Рецептот го испратил: Дијана Талевски.

Сподели: